МИА Општински пул
- МИА Општински пул
18 септември 2024
Охрид – Охридскиот Црвен Крст во партнерство со филијалата на организацијата на холандскиот град Зеволде, од 12 септември оваа година започна со реализација меѓународна напредна обука по прва помош или обика за парамедици (PHTLS - Prehospital Trauma Life Support).
Обуката ја води искусен инструктор за прва помош од Холандија, со обука за PHTLS завршена на Јеил универзитетот во САД и со огромно искуство во организација и спроведување посебни обуки за педијатриска прва помош, прва помош при користење на алкохол и психоактивни супстанци, прва помош при повреди во спортски активности и друго.
Обуката ја следат вкупно 13 кандидати - по двајца од организациите на Црвениот крст од Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар, како и петмина кандидати од Црвен крст Охрид.
Вложувањата во надградба на сопствените човечки и материјални капацитети, особено во делот на првата помош, ќе помогне навремено и ефикасно да се одговори на потребите на заедницата и на оние на кои таква помош им е потребна, посочуваат од охридскиот Црвен крст.
„Значаен сегмент од нашето делување е едукацијата и ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди“, стои во соопштението.
Охрид - Во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ од денеска до 22 овој месец ќе се одржува седмото издание на Меѓународната уметничка колонија „Трпејца 2024“.
Годинава на колонијата ќе учествуваат уметниците Нина Тодоров и Владисав Богичевиќ од Ниш, Данчо Ордев од Скопје, Николаос Тамоутселис од Лерин и Наташа Попоска – Карче и Ѓоко Симјаноски од Охрид.
По традиција тие ќе творат во просториите на Подрачното основно училиште „Наум Охридски“, а ќе се дружат и со ученците од Пештани и Трпејца, со мештаните, но и туристите.
Уметничката колонија е под покровителство на Општина Охрид.
Велес - Комисијата за општествени дејности на Советот на Општина Велес покрена иницијатива за прибирање предлози за доделување на 9. Ноемвриските признанија и наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2024 година.
Признанијата 9-ти Ноември се доделуваат на поединци, органи, организации, граѓански организации и заедници чие дело и постигнати резултати се од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот.
Неопходно е кандидатите за 9. Ноемвриските признанија, делото за кое се предложени да го афирмирале во јавноста. Предложениот кандидат да е жител на Општина Велес или тематски неговото дело да е поврзано за Општина Велес.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ се доделува на поединци за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа.
Предлози за доделување на 9. Ноемвриските признанија и награда за животно дело „Гемиџии“ можат да поднесуваат градоначалникот, Комисијата за општествени дејности, член на Советот на Општина Велес, органи, организации, политички партии, здруженија на граѓани и поединци.
Предлозите мора да бидат образложени.
Предлозите се доставуваат до Совет на Општина Велес, со назнака за Комисија за општествени дејности на ул. „Панко Брашнар“ бр.1 Велес или лично најдоцна до 4 октомври 2024 година.
Велес - Комисијата за општествени дејности покренува иницијатива за прибирање предлози за доделување награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ за 2024 година.
Награда на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ се доделува на студент од Општина Велес со завршена најмалку втора година од студиите на некој од универзитетите во Република Северна Македонија и акредитираните универзитети во земјата и странство, да има просечен успех во текот на целото студирање од најмалку 9,50.
Предлози за доделување на наградата на Општина Велес за најстудент „Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов“ може да поднесе секој жител на Општина Велес и самиот студент.
Предлозите мора да бидат образложени. Кандидатот за награда на Општина Велес за најстудент „Проф. д-р Ѓорги Шоптрајанов“ треба да ги исполнува повеќе услови наведени во објавата.
Предлозите се доставуваат до Совет на Општина Велес, со назнака за Комисија за општествени дејности на ул. „Панко Брашнар“ бр.1 Велес или лично, најдоцна до 4 октомври годинава.
Македонска Каменица - Во Македонска Каменица започна инсталацијата на нова водоводна линија на улица ,,Даме Груев" во приградската населба Суво Маало, објавија денеска од Општината. Активностите, како што додадоа, се реализираат во рамки на редовните работни активности на Јавното претпријатие Камена Река.
- Екипи на претпријатието задолжено за одржување и нормално функционирање на водоводниот систем во Македонска Каменица работи на инсталација на нова водоводна линија на улицата ,,Даме Груев" во приградската населба Суво Маало. Со реализацијата на овој проект вршиме подобрување на водоснабдувањето во градот, истакнаа од Општина Македонска Каменица
Градежните работи за реализирање на оваа активност, како што додадоа оттаму се во должина од 110 метри.
- Вработените во јавното претпријатие работите ги вршат со зголемен интензитет и очекуваме истите да завршат во следните неколку денови, по што водоводната мрежа ќе биде целосно функционална, додадоа од Општина Македонска Каменица.
Со овие активности очекуваат обезбедување на поквалитетна и постојана услуга за граѓаните од оваа приградска населба.