• понеделник, 13 јануари 2025
МИА Општински пул

13 јануари 2025 

Куманово - Исчезнуваат обичаите поврзани со празникот Василица во Кумановско, велат етнолозите од Кумановскиот музеј. Дел од обичаите кои беа карактеристични за овој крај, целосно исчезнаа, но етнолозите од Кумановскиот музеј ги документираат со фотографии и видеозаписи за да се зачуваат од заборав.

Различни обичаи имало во кумановските села, во не толку далечно минато. - Василица спаѓа во еден од најзначајните празници во циклусот на зимски празници. Изобилува со многубројни обичаи, обреди, гатање со цел да се постигне среќа и здравје на семејството, добар посев и здравје на стока и живина. При истражувањето за село Орашац наидов на ритуална игра, т.н „џамала“. За жал,оваа игра сега е во изумирање. Маските ги подготвуваа месец дена порано, во играта учествуваа зет невеста, баба, старец. Беа изработувани маски од овча кожа, лицето го црнеа, пееја џамаларски песни, изведуваа разни ритуални игри, а домаќинот ги даруваше со брашно, ракија, овошје. Откако ќе завршеше овој обред, пред самиот крај на денот се собираа пари од коишто се правеше гозба или пак купуваа икона за манастирот „Свети Илија“. Навистина ми е жал што овој обичај кај нас е исчезнат, но јас имав среќа да го забележам со камера и тој остана во нашата архива, во нашиот музеј, изјави кустос-советник Анита Стојчевски од НУ Музеј Куманово.

Штип - Два дена интензивно се чистат сите улици и тротоарни површини низ градот Штип. Директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски, вели дека сите расположливи човечки и технички ресурси на двете јавни претпријатија во Штип се на терен и интезивно работат на расчистување на улиците и тротоарите од снег. Со вкупно 12 машини дејствува ЈП „Стипион“, а дополнително ангажиран е и јавен оператор со шест машини.

Се чистат приорителни улици во централното градско подрачје, влезовите кон штипската Клиничка болница, веќе се работи и на споредни улички, а помош ќе биде испратена и за Општина Карбинци. Директорот Стефановски повика на разбирање од страна на гарѓаните, бидејќи се работи во Штип и околните населени места.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка ги интензивира подготовките за одбележување на големиот христијански празник Богојавление - Водици, во недела, 19 јануари 2025, кога ќе се одржи масовна прослава на градскиот плоштад.

Прославата традиционално ќе се реализира во духот на христијанската религија, почнувајќи со Света богојавленска литургија во соборниот храм св. Великомаченик Димитриј, што ќе започне во 8 часот, а еден час подоцна свештенослужителите од кривопаланечкото архиерејско намесништво ќе ги осветат водите на Крива Река, кај големиот, т.н. Шанин мост, од кадешто светиот крст ќе биде положен во водите на реката.

Гостивар - Локалните патишта до четири села кои заради снежните врнежи беа непроодни наскоро ќе се бидат пробиени, вели вд градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани. Тој во одговорот на новинарско прашање, денес на настан во Гостивар, појасни дека од почетокот на интензивните врнежи, договорениот оператор и јавните претпријатија работеле интензивно на терен и сè уште се работи.

-Уште од најавите за снежните врнежи, односно завчера економскиот оператор и екипи од јавните претпријатија започна да делуваат во рамките во административните граници на општина Гостивар. Така е и денес, тоа значи дека сите патишта кои се во територијата на Општина Гостивар се чисти и проодни, рече Лимани.

Куманово - Тековно се одржуваат патните правци во општина Старо Нагоричане, нема посериозни проблеми од снежните врнежи во оваа општина, информираа денеска надлежните. За зимско одржување на улиците, Општината избра економски оператор и одвои околу 400.000 денари за оваа намена.

- Патот кон селата од планинскиот дел ги одржува „Македонија пат“. Исчистен е и патот кон село Арбанашко, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Куманово - Главните улици, сообраќајници во Куманово се исчистени, соопштија денеска од секторот за комунални дејности и од јавното претпријатие „Чистата и Зеленило“, кои се задолжени за зимското одржување на улиците.

-Се чистеше по приоритет, централно градско подрачје, населбите и селата. Имавме одредени проблеми и сега се надминати кон село Тромеѓа и за улицата „Васко Карангелевски“, изјави помошникот раководител на секторот, Момчило Јовановски.

Струмица - Центарот за култура од Струмица го објави конкурсот за 26. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам „Струмица 2025“, кој се одржува во рамки на Интернационалниот Струмички карневал на тема „карневал-еротика“.

Според пропозициите на конкурсот за афоризам секој автор може да учествува најмногу со десет афоризми отпечатени во три примероци со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците можат да учествуваат со повеќе трудови од десет афоризми со шифра за секој труд.

Штип - Граѓаните да ги заштитат своите водомери и директно да не бидат изложени на ниски температури, упати апел денеска директорот на Штипското комунално претпријатие „Исар“, Александар Арсов.

-Ние апелираме, иако нашите граѓани се совесни и ги знаат мерките кои треба да ги преземат, а тоа значи соодветно да ги заштитат своите водомери кои директно се изложени на ниските температури, вели Арсовски.

Скопје - ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје вчера во три смени со максимална ангажираност на сите расположливи работници спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.

- Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата „Македонија“, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, како и Старата чаршија. Екипите на претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Клинички центар, Владата и Собранието, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови, соопшти „Комунална хигиена“ - Скопје.

Вевчани - Во снежни услови, вевчанци се подготвени за уште едно карневалско доживување. Маските се уште се кријат во тајност, до дефилето, кое се очекува по 14 часот.

Градоначалникот Спасе Кочовски вели дека Вевчани е спремно и покрај временските услови гостите доаѓаат, а Општината прави максимални напори за чистење на пристапните патишта и улици. - Одамна не сме имале снежна атмосфера во Вевчани за Вечванскиот карневал. Условите се можеби по екстремни, но убаво е да се биде овие два дена во Вевчани. Општина Вевчани во соработка со јавното комунално претпријатие „Еремија“ 24 часа е на терен. Ги чистиме и регионалните патишта што не поврзуваат со Струга и Дебар за гостите да можат полесно да пристигнат, изјави Кочовски. За содржината на маските, вели дека никој не ја знае освен василичарите. 

Куманово - Општина Старо Нагоричане одвои два милиони денари за инфраструктурно уредување на трите основни училишта во општината, соопштија денеска надлежните. Лани беа заменети прозорците во објектот во село Драгоманце. Општината ги поддржува и студентите и учениците.

- Зголемени се средствата кои ги одвојуваме за новороденчињата. Едногласно сите советници одлучивме за секое новородено да одвоиме по 30.000 денари и воедно ослободување од плаќање комуналии во период од две години за плаќање вода до потрошени 15 метри кубни, изјави заменикградоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Скопје - Општина Центар информира дека на официјалната веб-страница е објавен Граѓанскиот буџет за 2025 година. Овој документ, подготвен во едноставен и разбирлив формат, обезбедува увид во приходите, расходите и планираните капитални инвестиции на општината, претставувајќи ги приоритетите и стратешките определби на локалната самоуправа.

„Граѓаните преку оваа апликација можат да имаат увид во тоа како се креира буџетот, како се трошат нивните пари и кои се планираните проекти и активности во општината. Граѓанскиот буџет е наменет исклучиво за јавноста и има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста за тоа како се управува со буџетските средства. Неговата достапност овозможува поактивно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики”, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Кавадарци - Кавадарчанец денеска бил приведен, по пријава дека со пиштол удирал сограѓанин, информираат од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Во два часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода С.Б., на возраст од 44 години, постапувајќи по претходна пријава дека на улицата „Ѓорѓи Соколов“ во градот, по кратка расправија, физички го нападнал 32-годишниот Б.Ч. и го удирал со пиштол по главата, појаснуваат од СВР - Велес.

Скопје - Општина Центар информира дека синоќа на терен биле ангажирани четири големи возила и две мали за чистење снег, интензивно се посипувало со сол и се расчистувале улиците во населбите Мало Курило, Водно, Дебар Маало, Маџир Маало, Кале, Капиштец и Крњево.

- Утринава се чистат тротоарите и приодите до јавните установи, како што се амбуланти, здравствени и пензионерски домови, детски градинки, со цел да се обезбеди безбедно движење за сите граѓани, стои во соопштението.

Остани поврзан