• вторник, 14 јануари 2025
МИА Општински пул

13 јануари 2025

Вевчани – Со традиционалното дефиле под маски денеска напладне почнува официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.

Маскирани, вевчанци на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција ќе ги прикажaт случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар, испраќајќи порака за промена на негативните случувања во општеството И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, без сценарио и режија организиран од двете василичарски друштва Горна и Долна маала на чело со зетот, невестата, двата ѓаволи и глупавите Августи. Веднаш по нив следуваат останатите маски, секоја со своја приказна, ќе го привлече вниманието на присутните.

Дефилето почнува околу пладне, од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртат Василичарското оро. Потоа ги посетуваат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година, а од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови. Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Делчево - Патот до граничниот премин кон Република Бугарија кај Делчево е затворен за тешки товарни возила, информираа од подружницата на Макеоднијапат. За останатите возила сообраќајот се одвива непречено, со напомена дека за учесниците во сообраќајот задолжително е поседувањето зимска опрема.

Во Пијанечкиот регион сообраќајот на останатите патни правци се одвива по влажни коловози кои наместа во утринските часови беа под мраз.

Патот кон планината Голак, каде деновиве најмногу наврна снег во Делчевско, како што информираа од претпријатието е категоризиран како трет приоритет, поради што негово чистење е предвидено, во текот на наредниот ден.

Од претпријатието задолжено за одржување на патиштата апелираат дека патиштата се чистат по приоритети заради што апелираат внимателно возење и почитување на соодветната сообраќајна сигнализација. 

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 42 мерни места во градот.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 08.01.2025 до 10.01.2025 зема 116 примероци за физичко-хемиска и 116 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, е, информираат од ЈП Водовод и канализација, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Овие информации од јавното претпријатие ги објавува рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Босилово - Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ синоќа во Босилово органираше хуманитарен концерт насловен како „Концерт на добрината“, а собраните средства од продажбата на влезниците и донациите се наменети за лекување на Наце Ристов од селото Едрениково, кој боледува од карцином на лимфните жлезди и се лекува во Турција.

Во преполната сала на Домот на културата настапија ВИС „Стихири“ од Струмица и Ансамблот „Симбиоза“ од Скопје, а влезниците по цена од 150 денари беа продадени за неполн час.

Покрај собраните средства од влезниците, организаторите собраа и значителни средства од донации на посетителите на концертот кои оставаа пари во кутиите за донации.

Дебар - Поради обилните снежни врнежи, областа Голо Брдо и понатаму е завеана во снег, па од денеска прекината е наставата во сите училишта во областа.

На ваквата, како што ја оценува, катастрофална состојба, реагираше Македонското друштво „Илинден" повикувајќи ја албанската влада и локалните власти на  општините Булќиза и  Либражд итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо.

-  Врнежите од снег во изминатите денови создаде тешка ситуација во областа Голо Брдо. Како резултат на големи врнежи од снег и ниски температури сите патишта што ја поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Македонско друштво “Илинден“-Тирана бара од Владата и од општините да преземат итни мерки за да се подобри ситуацијата, стои во соопштението на друштвото.

Областа Голо Брдо, која опфаќа 22 села главно населени со Македонци се протега долж албанско - македонската граница кај Дебар.

Скопје - Општина Центар информира дека на официјалната веб-страница е објавен Граѓанскиот буџет за 2025 година. Овој документ, подготвен во едноставен и разбирлив формат, обезбедува увид во приходите, расходите и планираните капитални инвестиции на општината, претставувајќи ги приоритетите и стратешките определби на локалната самоуправа.

„Граѓаните преку оваа апликација можат да имаат увид во тоа како се креира буџетот, како се трошат нивните пари и кои се планираните проекти и активности во општината. Граѓанскиот буџет е наменет исклучиво за јавноста и има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста за тоа како се управува со буџетските средства. Неговата достапност овозможува поактивно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики”, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Дополнително, на веб-страницата на Општина Центар е достапна алатката „Мој буџет“. Дел од процесот се и Буџетските форуми, кои Општина Центар ги организира секоја година, овозможувајќи им на жителите на локалната самоуправа со свои предлози активно да влијаат врз креирање на буџетот.

Остани поврзан