• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

1 декември 2025 

Охрид – Со низа активности Општинската организација на Црвениот Крст од Охрид ќе ги одбележи 1 Декември – Светскиот ден на борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА што се одбележува од 1 до 7 декември.

Оваа година светската кампања за болеста и ризиците се одржува под мотото „Едуцирај се, превенирај ХИВ/СИДА“, со акцент на значењето и важноста од едукацијата и превенцијата во борба против СИДА-та.  Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.

Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изразување поддршка на оние кои живеат со ХИВ, Црвен Крст - Охрид ќе реализира низа активности.

Волонтерите на Црвениот Крст денеска на граѓаните, минувачите, посетителите низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.

Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците, во текот на Неделата на борба против СИДА да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите врснички едукатори во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.

Битола - Со концерт на пијанистката Гамазда од Русија, вечер во Битола завршува 17. издание на фестивалот „Музија од светот“.

Од НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот информираа дека светски познатата пијанистка и YouTube сензација Гамазда, својот уникатен стил и виртуозна интерпретација ќе ги презентира во големата сала на битолскиот театар. 

-Уметницата Гамазда изгради импресивна меѓународна кариера благодарение на својот препознатлив стил, динамична, енергична и технички беспрекорна интерпретација на култни песни од бендови и изведувачи кои го обликувале модерниот музички свет. Нејзините видеа имаат милионски прегледи, а нејзиното име е синоним за свеж, автентичен и модерен пристап кон рок музиката на пијано. Преку своите настапи, Гамазда успева да внесе нов живот во легендарни композиции, претворајќи ги во пијано изведби полни со емоција, енергија и раскошна музичка техника. Затоа денес се смета за една од највпечатливите и најследени музички уметници на дигиталната сцена, најавија од НУ Центар за култура во пресрет на вечерашниот завршен концерт на фестивалот „Музика од светот“ во Битола

Гевгелија - Документарната вербатим претстава „8% ?“, продукција на АТО Центар- Битола, ќе биде изведена вечер во Народниот театар- Гевгелија, за време на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, соопштија од Општината.

Како што се наведува, претставата е резултат на повеќемесечно истражување од 2023 година во кое креативниот тим интервјуирал лица од различни градови низ државата кои се соочиле со дискриминација, семејно насилство и системски неправди. Нивните лични сведоштва, испреплетени со чувствителни и често премолчени вистини, се преточени во сценско дело кое отвора важни прашања за општеството и за улогата на секој од нас во создавањето и одржувањето на системот. На сцената, покрај актерите, се појавуваат и вистинските личности чиј глас е основата на претставата, дозволувајќи ѝ на публиката да ги чуе нивните директни, честопати болни исповеди.

Претставата е авторско дело на Јован Ристовски, кој е и режисер, во соработка со Весна Куслеска како коавтор. Костимографијата е изработена од Марта Дојчиновска, а драматуршката разработка од Билјана Крајчевска. Актерската екипа ја сочинуваат: Марија Стефановска во улога на менаџерка, Наталија Ристевска како асистентка, Соња Михајлова како Црната / Режисер, Никола Пројчевски како канцелариски координатор и Петар Горко во улога на шеф. Во претставата учествуваат и Ивана Атанасоска, Весна Софронијевска и Биљана Тодоровска. За шминката се грижи Стефанија Илиевски, за светлото Никола Горгиевски, за сценската техника Горан Јованов, а координацијата е на Александра Десковска.

Куманово - Уништена е урбана опрема во Соколанскиот парк во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.

-Во Соколански парк е извршен вандалски чин при кој е оштетена фонтаната. Станува збор за сериозно нарушување и уништување на јавен имот, што е целосно неприфатливо. Надлежните служби ќе постапат согласно своите овластувања, а екипите ќе пристапат кон санација, информираше директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.

Тој кажа дека случајот ќе биде пријавен во полицијата.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го осуди инцидентот и апелираше до граѓаните да го сочуваат заедничкиот имот и да покажат општествена одговорност. Опремата во соколанскиот парк беше поставена во декември 2023. Оттогаш наваму во неколку наврати беа уништувани клупи канти за отпадоци.

Тетово - Општина Тетово информираше дека на вонредна седница преку видео конференциска врска е донесена одлука на Советот, понеделник, 1 декември 2025 година, да биде ден на жалост, поради смртта на пејачот Шпат Касапи.  Денот на жалост е прогласен на територијата на Општина Тетово.

-Шпат Касапи даде значаен придонес во развојот на културата и музиката во општина Тетово, во Република Северна Македонија и на албанската музичка сцена.Во денот на жалост се препорачува на јавните установи, правните лица и граѓаните да се воздржат од организирање на свечености, забавни и музички настани, се вели во одлуката на Советот на Опптина Тетово.

Пејачот Шпат Касапи почина на 26 ноември на 40 годишна возраст. Беше погребан во недела 30 ноември на гробиштата на Исламската верска заедница во Тетово.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 187 примероци од 42 мерни места.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 24-ти до 28 ноември зема 187 примероци за физичко-хемиска и 187 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Скопје - Град Скопје оваа година го започнува процесот на креирање на буџетот со максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Со јасна определба да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, буџетот за 2026 година ќе биде изработен преку отворен и партнерски пристап, во кој секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес, соопштуваат од Градот Скопје. 

Како град кој се стреми кон стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги за граѓаните, велат оттаму, Скопје го става дијалогот во центарот на сите процеси. Со тоа, нагласуваат од Град Скопје, ја потврдуваат заложбата дека буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија што се гради врз реалните потреби, предизвици и визија за иднината на градот.

-Почитувани скопјани, транспарентноста и отчетноста отсекогаш биле моја водилка. И за време на кампањата кога ја барав вашата доверба, но и кога секојдневно раководев со Кисела Вода. Истото начело го води и градот Скопје денес.  Токму затоа, годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со вас, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. 

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ) во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24.11. до 30.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 97 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ПОЦ.

-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се наведува во соопштението.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата. Како што информираат од општината на состанокот се дискутирало на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.

-Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците. Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница. Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво, стои во сооптшението.

Како што се наведува Општина Центар, прва ја покренала иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.

Остани поврзан