• понеделник, 29 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

29 јули 2024

Дебар – Општина Маврово и Ростуше, која располага со богати шумски предели а во нејзини рамки е и Националниот парк „Маврово“ упати апел за строго почитување на забраната за движење во шуми и шумско земјиште.

Се напомнува дека апелот се упатува до постојаните жители, големиот број иселеници кои престојуваат во родниот крај, поранешните жители и нивните потомци кои летото го минуваат во селата на општината, како и намерите и случајни минувачи и гости.

- Упатуваме апел до сите да ја почитуваат оваа забрана за да не би дошло до несакани последици, апелира општината.

Ја пренесува и согласноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесена во согласност со Законот за шуми а со оглед на зголемената опасност од појава и ширење на пожари на отворен простор.

- Се воведува целосна забрана за движење во шума и на шумско земјиште во временскиот период од 6 до 20 часот. За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност, стои во денешната објава на општината.

 

Штип - „Гласен синдикат“ изминатиот период евидентираше кршење на работнички права во Штип, Битола, Свети Николе и Македонска Каменица. Кристина Ампева претседател на „Гласен синдикат“ на денешната прес-конференција рече дека дел од работодавците не го почитуваат Законот за недела неработен ден.

– Во Македонска Каменица имаме случај работниците да работат по 3 пати во неделата по 11 часа, вообичаено по осум часа, сепак се заведува дека работат само два часа дневно, односно, 10 часа неделно, што воопшто не е точно. Денеска е испратен инспекциски надзор поради ова. Во Битола работодавец решил дека треба да има непријавени работници и дека треба да ги држи затворени да работат прекувремена работа, на што веќе се реагира и се прават инспекциски надзори, вели Ампева.

Посочи до нив пристигнало реакција и од работници за во Свети Николе. Во оваа фирма работници се префрлени од неопределено, на определено во друга сестринска фирма, порача Сојузот на синдикатот на Македонија да реагира, бидејќи работниците во оваа фирма си плаќаат членарина на ССМ и да ги заштитат работниците.

Изминатиот период во фабрика во ТИР зоната во Штип, од работници имаше реакција дека работодавецот го зголемил работниот ден на 10 часа.

– Веднаш беше реагирано таму, од страна на работодавецот беше разбрана сериозноста на ситуацијата, бидејќи и над газдите има некои други газди, така што ние како синдикат сме во состојба да реагираме веднаш, па и да го алармираме работодавецот во странската земја. Во оваа компанија имаме членови на синдикатот „Гласен синдикат“, изјави Ампева.

Според неа загрижува и иницијативата за враќање на старото законско решение работниците да работат и во недела.

-Сè додека нема реална евиденција на работното време и исплата на прекувремена работа и работа на празник, недела мора да остане неработен ден, додаде Ампева.

За кршење на донесеното законско решение предвидена е казна 15 дена забрана за вршење дејност. Ампева алармира дека состојбата е повеќе од сериозна, зашто и во моментот реалниот сектор се соочува со недостиг на работна рака, а во иднина овој проблем се повеќе ќе се продлабочува.

 

Струга - Под мотото „Бесконечна слобода“ од 8 до 11 август во Струга ќе се одржи осмото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2024“.

Програмата, како што соопшти организаторот, ќе биде распределена во четири фестивалски денови, во кои се најавени филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, а во селекција на режисерот Иван Бакрач.

Според најавата, и годинава нема да изостане промоцијата на македонски филмови, како и едукативниот дел од фестивалот.

- Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“, чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата, каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат, информира дирекцијата на Фестивалот.

Во едукативниот дел, додаваат,предвидени се два мастеркласови и една дискусија за филм на тема „Соочување со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма, како што не најавено, ќе се фокусира на домашни изведувачи. Фестивалот ќе го отвори групата Фолтин со целовечерен концерт, а завесата ќе биде спуштена со настап на групата Искра, која со себе носи информации од иднината.

 

Струмица  - Со Вечер на поезијата заврши првиот дел на „Струмица опен фестивал“, кој годинава се одржува под мотото „Културни бранови на радост“.

Од 22 јули, кога почна Фестивалот, се одржаа четири настани, а „Струмица опен“ продолжува на 13 идниот месец.

-Многу сме задоволни од реализирањето на планираните програмски содрини, кои беа одлично профаттени од публиката. Во вториот дел, кој почнува на 13 август, продолжуваме со промоцијата на албумот на Иван Кукиќ „Sunday vibes“, а подготвуваме и дополнители изненадувања. Се надевам дека вториот дел уште повеќе ќе го привлече вниманието на публиката, изјави Томи Печков од „Струмица опен фестивал“.

Фестивалот завршува на 20 август со манифестацијата „Струмички евергрини“.

 

Дебар - Црковниот одбор на манастирот „Света Марена“ село Туминец, Мала Преспа, кој годинава е организатор на  манастирската слава, ги поканува верниците на одбележување кое почнува вечерва, во предвечерието на празникот.  

-Денеска во 18 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а во 20 часот за сите присутни ќе се служи вечера од кумовите на манастирската слава Ставре Ставре, Славче Ставре и Васил Јанкула. За пријатно расположение ќе има музика со македонски песни и ора. Утре, 30 јули, во 7.30 часот ќе се одржи утринска богослужба, по што ќе се свети вода и ќе се изберат новите кумови на манастирската слава за наредната 2025 година. Поканата важи за сите верници и добронамерници, рекоа за МИА од Црковниот одбор.

Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Лоциран е на 50-тина метри од брегот на Преспанско Езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.

-Пред еден од најголемите христијански празници, Рождеството Христово-Божик, се слушна екот од новата камбанарија, што му недостигаше на овој божји храм,  благодарение на помошта на Македонците од Мала Преспа и од цела Македонија, кои живеат во Канада. Тие на дарителна вечер, во февруари минатата година, организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собраа 20 илјади канадски долари, наменети токму за манастирот и камбанаријата, додаваат од одборот.

Патронот на манастирот, Македонците во Мала Преспа, традиционално, го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука. Во манастирската црква се чуваат поголем дел од моштите на светицата, каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

 

Кавадарци - Доверители на поранешно „Фени" поднеле жалба до судот со која ја обжалиле одлуката за продажба на делови од магацин, во рамките на стечајната постапка што се отвори, пред комбинатот да биде продаден. Ова денеска го потврди за МИА, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот за индустрија енергетика и рударство. 

- Се работи за други доверители, не се во прашање работниците, кои исто така се незадоволни бидејќи со помалку пари доведена е во прашање и исплатата на нивните заостанати плати.  Ќе има второ наддавање. Точно е дека околу еден милион и 800 илјади евра е понудено од новите сопственици за материјал, делови, репроматеријали и руда од претходната фирма, од магацин. Проценетата вредност е скоро девет милиона евра. Значи околу 24 отсто од утврдената цена, е понудено при наддавањето, истакна Ѓерасов. 

Тој додаде дека во моментов се нудат договори за вработување во новата компанија, со незадоволителни плати.

-Според Синдикатот, такви договори за вработување на поранешните работници во новата компанија што е формирана по стечајот и продажбата на поранешно „Еуроникел индустри", своевремено „Фени", не треба да се потпишуваат, рече Ѓерасов. 

Тој подвлече дека будно ја следат состојбата со комбинатот за фероникел што некогаш броеше и до близу илјада вработени и беше гигант во кавадаречката и македонската економија. 

- Од работата на комбинатот своевремено директно, што се вели, се хранеа околу илјада фамилии, плус уште неколку илјади преку добавувачите и транспортерите што беа ангажирани за потребите на компанијата, додаде тој, потсетувајќи дека по низа укажувања и протести на вработените кои беа незадоволни од состојбите во фирмата, фабриката замина во стечај, па беше продадена на турски инвеститор.

 

Струмица - Полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Т.М.(26) од Гевгелија заради сомнение дека физички нападнал и извршил обљуба врз малолетничка од валандовско, при што ѝ дал да користи марихуана, соопштија денеска од СВР Струмица.

-Со судска наредба бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени грендери и други предмети со остатоци од марихуана, како и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривичното дело, информираа од СВР Струмица.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава

Остани поврзан