• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

2 декември 2025 

Куманово - Полицијата одзеде пиротехнички средства од автомобил на кумановец кој продавал овошје и зеленчук, соопшти денеска СВР  Куманово.

Вчера,  во 12:20 часот во Куманово, полициските службеници од СВР Куманово го лишија од слобода З.Д.(58) од село Тромеѓа, Кумановско. 

-Постапувајќи по претходна пријава, полициските службеници извршија преглед на неговото возило „цитроен берлинго“ на улица „Бранко Богдански Гуцман“, со кое продавал овошје и зеленчук, при што пронајдоа и одзедоа околу 1 100 разновидни пиротехнички срредства, соопшти СВР Куманово.

Дебар - Дебарските иселеници продолжуваат со обезбедување донации за повеќе сектори во општината со цел да се помогне нивните сограѓани да имаат подобри услови и поквалитетни услуги. Последната донација е за Општинското основно училиште „Пенестија“, иницирана од иселеникот Реми Дука, а добиена од општина во Шведска.

-Нашето училиште доби многу значајна донација од општина Молндал-Шведска, по иницијатива на нашиот сонародник Реми Дука. Донацијата вклучува училиштен прибор, клупи, столчиња, бироа, проектори, бели табли, разни реквизити и многу други училишни материјали. Целта на оваа донација е подобрување на условите за учење и зголемување на квалитетот, информираше директорот на училиштето Ајет Мулареџа.

Скопје - Историскиот проект – изградба на водовод за Љубанци и Љуботен денес е реалност. Поставени се 400 метри цевковод на двата крака на трасата. Истовремено, се поставуваат цевки на вториот крак на водоводот, на резервоарот Љуботен, информираат од Општина Бутел и нагласуваат дека денеска градоначалникот Дарко Костовски изврши увид во градежните активности за изградба на системот за водоснабдување на граѓаните на Љубанци и Љуботен.

-Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски обезбеди 110.000.000 денари за реализирање на еден од најголемите капитални проекти – систем за водоснабдување на селата Љубанци и Љуботен, со чиста вода за пиење од градскиот водовод. Градоначалникот Дарко Костовски изрази голема благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, за големата поддршка за овој исклучително значаен проект, соопшти локалната самоуправа.

Охрид - На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид утре од 12 часот ќе се одржува Саем за кариера.

Настанот ќе им овозможи на студентите непосредно да се сретнат и разговараат со претставници од компании за можностите што им стојат на располагање кога станува збор за пракса, вработување и понатамошен професионален развој.

Компаниите, информираат од Универзитетот, ќе имаат можност да ги претстават своите програми, вработувачки потреби и активности, а учеството за нив е целосно бесплатно.

Скопје - Без вода денеска од 9:45 часот се дел од корисниците лоцирани на улица „Христо Смирненски“ во општина Центар. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ -  Скопје, прекинот е поради дефект на улица „Христо Смирненски“ број 37.  Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Радовиш - Книжевната награда „Караманов 2025“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик ја доби поетскиот ракопис со наслов „Камен во водата“ од поетот Тихомир Јанчовски, а интернационалната истоимена награда и е доделена на бугарската поетеса Роза Бојанова за нејзината книга „Калемење на рајското јаболко“, соопштија од Центарот за култура „Ацо Караманов“ од Радовиш.

Во образложението за наградите од жири комисијата, во состав проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседател и Борче Панов и Славчо Атанасов, членови, се наведува дека на конкурсот за наградата „Караманов 2025“ за необјавени поетски ракописи се јавиле 25 поети.

-Од селектираните три најдобри поетски ракописи во најтесен избор влегоа „Камен во водата“ од Тихомир Јанчовски ,„Зар заборави дека чудо си“ од Виолета Танчева и „Криенки во зборосенки“ од Владо Јаневски. Жири комисијата му даде предност на поетскиот ракопис „Камен во водата“ од Тихомир Јанчовски. Поетскиот ракопис „Камен во водата“ се наметна со својот едноставен поетски израз кој на еден директен и искрен начин ослободен од патетика и лажна референцијалност ја открива топлата човечка димензија и кога човекот е во постојана паника во ова отчовечено време во кое живееме, стои во образложението.

Скопје - Поради уличен дефект на ул.„1“/бб во Батинци, денеска од 9:25 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа улица.

Водоснабдувањето, како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот.

Скопје - Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска  од 11 до 15 часот без електрична енергија ќе останат корисниците на ул. „Хелсинки“ од бр. 22 до бр. 36 во општина Карпош. 

Информацијата за прекинот на струја ја соопшти најави Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по известување од ЕВН Македонија АД.

Скопје - На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска предвидено е да се реализираат панел-дискусија и свечена церемонија за доделување на јубилејната плакета на Црвениот крст на Република Северна Македонија за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Како што информираат организаторите на настанот, темата на панел-дискусијата е „Искуства и добри практики како основа за развој на нови хуманитарни стратегии“.

Од Црвениот крст пак информираа дека пред почетокот на панел-дискусијата, обраќање ќе имаат Беким Фетаји, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Скопје - Во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, Музеј на град Скопје, вечер со почеток во 19 часот ќе се отвори годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“ - 2025, Музеј на град Скопје, соопштија од установата.

- Станува збор за презентација на 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Анастасов, што се дел од колекцијата на галерија „Јустина и Родољуб Анастасов“, вредна донациска збирка што брои околу 400 дела што потекнуваат од различни временски периоди - од 1957 до 2010 - и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. Овогодишната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен - „Човек и простор“, импресивните цртежи од циклуситe „Почеток“, „Делување на елементите“, „Промена на обликот“, „Трансфигурирање“, сите изведени во техника - туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 - 1960 година и што припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија, се наведува во соопштението.

Остани поврзан