• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: ФЗОМ побарал од МФ дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа за следната година

Меџити: ФЗОМ побарал од МФ дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа за следната година

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Апликациите за ставање на лек на позитивна листа што се пристигнати во Министерството за здравство, 21 за лекови и четири за нутриенси, веќе се евалуираат од страна на стручната комисија, која почна со работа во септември и интензивно одржува состаноци, информираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, во обраќање на Втората  годишна конференција за здравство во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам).

Пристигнатите апликации до овој момент, појасни тој, се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи, додека две апликации се поднесени за примарната листа.

Меџити потсети дека ставањето на лек на позитивна листа на лекови е процес, кој повторно доби свој нов почеток оваа година откако се донесоа измени во два системски закона и се донесе новиот Правилник за позитивна листа. Со тоа, посочи министерот, европските практики во оваа област се воведоа и во нашата земја и процесот на имлементација е веќе пракса. Во согласност со националните прописи донесувањето на Листата на лекови е во надлежност на Управниот одбор на Фондот, а предлогот со ранг листа на лековите кандидати за Листата е на стручната комисија за лекови, формирана од министерот за здравство.  

Поточно,  укажа министерот, апликациите се однесуваат на лекови што ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, како болести со посебно општествено-медицинско значење и намена за посебна ранлива група на пациенти.  

Министерот појасни дека за овие лекови стручната комисија спроведе прелиминарно бодирање по критериумите што треба да ги оцени и се очекува, во согласност со правилникот, во април наредната година да биде спроведено првото рангирање на лековите-кандидати на Листата кои што имаат фискално влијание врз буџетот на Фондот.  

Меџити нагласи  дека лек што нема да има фискално влијание врз буџетот на Фондот, согласно правилникот не подлежи на рангирање и по спреведена оценка, комисијата својот предлог за овие лекови ќе го доставува до Фондот на месечно ниво.  Кој лек и за која болест ќе биде рангиран на високо ниво ќе зависи од научните сознанија за неговата фармако-терапевтска вредност, фармакоекономската оправданост, етичките аспекти од неговата употреба, како и вклученост во листите од земјите од регионот.  

- Не треба да заборавиме дека Република Северна Македонија е земја со ограничени здравствени буџети за лекови, во однос на другите земји од регионот, но сите ние присутни претставници од релевантните институции ќе дадеме максимални напори за обезбедување на пораст на буџетските средства за лекови, за да се овозможи следење на здравствените придобивки во третманите на болестите со современа терапија, подвлече тој. 

Министерот ја сподели информацијата дека за 2024 година од страна на Фондот до Министерството за финансии се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа.

Тој рече дека постапката  за ставање на лекови на позитивна листа е отворен и транспарентен процес, со јасно поставени критериуми што се оценуваат од страна на комисијата и утврдена табела со висина на бодови што се доделуваат за секој поединечен критериум кај секој лек. По однос на добиените бодови, во постапката, компанијата има можност да даде свои забелешки откако ќе добие известување од комисијата.  

Што се однесува до национални водичи и клинички упатства за практикување медицина базирана на докази, тој додаде дека токму во моментот се врши превод и стручна редактура на клинички упатства кои кореспондираат со најчестите медицински состојби. Овие упатства првенствено се наменети како поддршка на лекарите од примарна и секундарна здравствена заштита. Но, со оглед дека им овозможуваат на лекарите пристап до последните научни докази и препораки во медицината и лекувањето, секако дека нивните содржини во делот на лековите и нивоата на доказ поврзани со нив ќе бидат од корист и поддршка и во одлуките за планирање и финансирање на новите лекови.

- Можам да информирам дека во тек е изработката на нови упатства за третман на медицинските болести, односно донесување на нови национални терапевтски водичи што помагаат во изборот на најадекватна терапија кај секоја медицинска состојба, и истовремено ќе бидат од корист и на стручната комисија која ќе може со голема сигурност да ги носи своите предлози во насока на постигнување на одржливо и континуирано финансирање на лековите што ќе бидат дел од позитивната листа, рече министерот. бд/лв/


Фото: МИА 

Остани поврзан