• петок, 05 декември 2025

Меџити: Сингелиќ се менува, се гради заштитниот канал од поплавите што одзедоа 23 животи

Меџити: Сингелиќ се менува, се гради заштитниот канал од поплавите што одзедоа 23 животи

Скопје, 19 септември 2025 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, придружен од претседателот на Собранието, Африм Гаши и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска ја посетија населбата Сингелиќ, каде одблиску ги следеа градежните активности за изградба на каналот за атмосферски води кој поминува низ оваа населба.

Меџити, како што информираат од МЖСПП, за време на посетата изјави дека Сингелиќ со години чекал реализација на овој проект, кој бил ветуван и преветуван од претходните влади, но никогаш не бил реализиран.

-Оваа населба скапо ја плати оставеноста во заборав на овој канал, плати со човечки животи за несериозноста на ДУИ и бројните нејзини функционери во однос на изградбата на овој проект. Поплавите во 2016 година однесоа 23 човечки животи и предизвикаа немерливи штети, а една од главните причини беше токму недостигот од соодветен канал, рече Меџити.

Тој информираше дека заедно со претседателот на Собранието, Африм Гаши и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, внимателно ги следат градежните работи и динамиката на реализацијата на изградбата на овој важен канал за Сингелиќ.

-Со буџет од 38 милиони денари, 21 милион денари обезбедени од Министерството за животна средина, за првата фаза и 17 милиони од општина Гази Баба за втората фаза, го градиме овој канал со должина од 1350 метри и ширина до 10 метри, носејќи преку неговата изградба: безбедност, заштита и достоинство за жителите, додаде Меџити.

Овој инвестициски проект, рече тој, е доказ дека кога работиме заедно – министерствата, односно Владата, општините и граѓаните, можеме да ставиме крај на доцнењата и празните ветувања. аа/нд/

Фото: МЖСПП

Остани поврзан