• недела, 05 мај 2024

Меѓународна конференција „Научен и публицистички интегритет во биомедицината“ во МАНУ

Меѓународна конференција „Научен и публицистички интегритет во биомедицината“ во МАНУ

Скопје, 25 април 2024 (МИА) -  Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска се одржува конференција со меѓународно учество „Научен и публицистички интегритет  во биомедицината“, со која Македонското здружение на медицински уредници (МЗМУ) одбележува 10 години од основањето.

Пријавени се 146 учесници, а ќе бидат презентирани 15 трудови од кои девет од македонски автори, а шест на предавачи од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Украина и девет трудови од македонски автори. 

Организатори на конференцијата се МЗМУ, МАНУ и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а покровител е ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова.

-Очекуваме дека оваа конференција ќе има одглас и значајно влијание во доменот на академското публицирање во земјава, во регионот и пошироко. Тоа е период кој не е ниту многу долг, но ниту многу кус. Сакаме да укажеме дека ова е прво вакво национално здружение во Југоисточна Европа. Годините наназад беа исполнети со многу премрежија на општествено политичката сцена во Македонија, војните во Украина и Газа, пандемијата со Ковид-19 и тоа се рефлектираше врз работењето на Здружението. Активностите беа исполнети со многу подеми и падови. Речиси со минимални финансиски средства, успеавме да реализираме многу од нашите цели и задачи, вели  во пишана изјава проф. д-р Владимир Трајковски, генерален секретар на МЗМУ. 

Тој посочува дека основна цел на здружението е да се подобри квалитетот и нивото на медицинските списанија преку размена на информации и искуства за уредување и издавање на медицинските списанија и воспоставување на правила согласно меѓународните стандарди за научна и публицистичка етика и интегритет. Воедно  и континуирана размена на информации и едукација на уредниците и членовите на Уредувачкиот одбор на научните списанија, научниот подмладок и научната заедница во државава, во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, соодветните министерства, универзитети и факултети, професионални здруженија и комори, како и со релевантните меѓународни агенции и асоцијации.

- Во сите овие години покажавме дека можеме да се носиме рамноправно со други вакви здруженија од ЕУ и светот, да бидеме лидери во Македонија за едукација и размена на информации за интегритетот и научната и публицистичка етика и превенција на измама во областа на биомедицината. Во сите овие 10 години, преку разни видови активности на Здружението, се трудевме да ја зголемиме свесноста за интегритетот во академското пишување и објавување. Организиравме четири едукативни работилници од кои три за млади научници од биомедицинските и сродни науки. Во периодот зад нас, исто така, два пати ја одбележавме „Меѓународната недела на рецензирањето“ што се одржува во месец септември и имавме четири настани по повод „Меѓународната недела за отворен пристап“ што се одбележува секоја година во месец октомври на светско ниво, информира Трајковски.

Најавува дека членовите на  МЗМУ ќе продолжат да споделуваат релевантни информации и да едуцираат млади кадри, да креираат нови проекти и да објавуваат  научни трудови, во насока на подобрување на академскиот интегритет и дигнитет. ад/лв/

 


 
 
 

 

Остани поврзан