Медиуми: Суспендираниот спортски менаџер Паратичи нов спортски директор на Милан
- Суспендираниот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи (52), чија суспензија од две и пол години истекува на 30 јуни, летово ќе ја преземе функцијата спортски директор на Милан, објавија денеска италијанските медиуми.

Милано, 1 април 2025 (МИА) – Суспендираниот спортски директор на Тотенхем, Фабио Паратичи (52), чија суспензија од две и пол години истекува на 30 јуни, летово ќе ја преземе функцијата спортски директор на Милан, објавија денеска италијанските медиуми.
Паратичи, кој сè уште е под договор со Тотенхем, минатата недела престојуваше во луксузниот хотел „Палацо Париџи“ во Милано на разговори со раководството на Милан околу преземање на улогата спортски директор. Веста за неговата преселба во Милан се очекува да биде објавена до средината на април.
Претходно Паратичи беше спортски директор на Јувентус, од јули 2010 година до крајот на мај 2021 година, и во тој период клубот од Торино освои девет шампионски титули на Италија.
Италијанскиот менаџер стана спортски директор на Тотенхем во јули 2021 година и на таа функција беше до јануари 2023 година, кога му беше изречена суспензија од две и пол години. Тој беше суспендиран бидејќи италијанскиот суд го прогласи Јувентус за виновен за лажно сметководство додека Паратичи беше спортски директор на Јувентус. ег
ФОТО: Фејсбук