• петок, 05 јули 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 4 јули 2024

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против У.А.(43) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на 2019 година, пријавениот дошол на плац на лице во гостиварско и побарал да купи две машини во вредност од 26.500 евра, а за исплатата да се направи компензација со железо, дел да се платат на рака, а дел преку сметка од банка. За ова направиле писмен договор, по што пријавениот уплатил преку банка 4.000 евра, а остатокот не го исплатил.

На 03.07.2024 во 15.45 часот во Полициската станица Радовиш било пријавено дека на крстосницата од улиците „8 Септември“ и „Партизанска“ во Радовиш се случила сообраќајна несреќа во која учествувале велосипед, управуван од малолетник од Радовиш и патничко возило „цитроен“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Г.П.(28) од Радовиш. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Медицински центар Штип, а увид на местото извршила екипа на ОВР Радовиш.

Денеска (04.07.2024) во 03.06 часот во СВР Скопје О.Р.(41) од Скопје пријавил дека околу 00.30 часот на подрачјето на Чаир едно лице физички го нападнало, со употреба на тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.07.2024 во 20.40 часот во СВР Скопје, С.И.(43) од Скопје пријавила дека околу 18.30 часот во с.Љубош, скопско, по претходна расправија, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од А.И.(46) од истото село. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 03.07.2024 во 17.58 часот во СВР Штип било пријавено дека околу 18.15 часот во близина на с.Нов Караорман, општина Карбинци, настанал пожар на нива со житна култура, сопственост на Г.С.(54) од с.Таринци. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против 16-годишник од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање моторно возило“. Пријавениот, на 01.05.2024 пред викенд куќа во с.Мождивњак, го одзел патничкото возило на С.Р. кое било отклучено со клуч за стартување на бравата, при што се упатил кон с.Конопница, а потоа возилото го оставил кај браната Кнежево.

На 03.07.2024 во 11.00 часот во Полициска станица Кочани, од Општата болница Кочани било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен С.Х.(51) од Кочани. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фирма во кочанско. Известен бил трудов инспектор и извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани.

На 03.07.2024 во 16.40 часот во с.Звегор, делчевско, полициски службеници од Полициската станица Делчево го привеле З.Ѓ. од истото село, поради тоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Ј.(62) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Пријавениот, кој бил ангажиран како овчар од Г.А., во период од 16.06.2024 до 18.06.2024 година со товарно возило во с.Алгуња, натоварил 127 овци, кои ги продавал во Скопје и Тетово, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 1.000.000 денари.

На 03.07.2024 во 18.00 часот во СВР Штип, Л.М.(56) од Велес пријавил дека околу 09.15 часот во продажно место во Штип бил физички нападнат од лице вработено како обезбедување на објектот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против М.Ј.(39) од Крива Паланка, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 25.05.2024 во угостителски објект во Крива Паланка, по претходна вербална расправија, пријавениот физички го нападнал М.Р., при што со стаклен предмет му нанел телесна повреда.

На 03.07.2024 година  во 15:22 часот во СВР Тетово од Ургентно одделение при Медицински центар во Гостивар било пријавено дека кај нив биле донесени М.Ш.(28) и нејзината малолетна ќерка од гостиварски Градец, кои се здобиле со тешки телесни повреди, откако на нив паднала порта од куќа, сопственост на Р.Ш.. Увид на лице место извршила екипа од ОВР Гостивар.

Денеска (04.07.2024) во 00.37 часот во СВР Скопје од страна на Бригадата за противпожарна заштита било пријавено дека настанал пожар во индустриска зона Ќојлија, а малку подоцна од страна на полициски службеници од ГП Меѓународен аеродром Скопје било пријавено дека во нивниот објект со повреди од изгореници дошол Б.А.(24) од Скопје, кој кажал дека од неколку лица бил насилно пренесен со возило од нас.Ченто до Ќојлија. Според пријавеното, лицата со закана го натерале да се запали, по што избегале, а тој успеал да го изгасне огнот, од кој бил зафатен и помошен објект во близина. Повредениот Б.А. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Ј.(26) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 08.02.2024 од полициски службеници било запрено патничко возило управувано од пријавениот, а во кое сопатник бил А.Д., и при преглед кај двајцата била пронајдена марихуана.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Т.П.(31) од с.Смојмирово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ и „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, на 08.03.2024 на социјална мрежа објавувал фотографии од женско лице и промовирал омраза, дискриминација и насилство против неа.

На 03.07.2024 во 17.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажно место на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, едно лице со закана и со употреба на физичка сила од вработената одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ќ.А.(43) од с.Озормиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот во јули 2023 година, поради претходни меѓусебни недоразбирања, им упатувал сериозни закани на неговата сопруга и членови на нејзиното семејство. миа/миа/

фото: МИА архива
 

Остани поврзан