• среда, 24 април 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Синоќа во 19:30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Н.М.(40) од Охрид затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја, додека при претрес во неговиот автомобил „шкода“ биле пронајдени и одземени дигитална вага и метален грендер. Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени предмети со остатоци од марихуана, од кафеава материја и од бела прашкаста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(34) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола во сообраќајот, извршена на 02.04.2024 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициските службеници го затекнале пријавениот, како со свое патничко возило „форд“ со струшки регистарски ознаки врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без да поседува лиценца за таа дејност издадена од надлежен државен орган.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(79), В.М.(60) и Ј.К.К.(58) и С.Т.(49), сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тие, на катарстарска парцела во Охрид, спротивно од Законот за градење и без да поседуваат правосилно одобрение за градење издадено од надлежен Државен орган,  изградиле станбен објект.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Б.С.(38) и С.К.(36), двајцата од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „спречување на службено лице при вршење службени дејствија“. На 13.04.2024 во угостителски објект во струшката населба „Езерски лозја“, тие предизвикале расправија со присутните гости, а потоа пред објектот оштетиле неколку автомобили и физички го нападнале вработениот А.Н.(38) од Охрид, кој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Струга. Двајцата агресивно се однесувале и кон полициските службеници кои пристигнале на местото и преземале службени дејствија.

Синоќс во 21:30 часот во СВР Скопје, 27-годишна жена од скопско село пријавила дека во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг С.Б.(29), кој моментално издржувал затворска казна во Казнено - поправна установа Затвор Идризово. Според пријавеното, тој со запалива течност и запалил дел од облеката, по што ги земал децата и заминал од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.04.2024 околу 11:30 часот во Полициската станица Бит Пазар, полициски службеници го лишиле од слобода К.С.(33) од Скопје затоа што во станицата физички нападнал полициски службеници при извршување службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 15.04.2024 во 20:30 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во установата, осуденикот А.Б.(39) од Гостивар бил физички нападнат од неколку други осудени лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 15.04.2024 во 14:15 часот во СВР Скопје, З.А.(43) од Скопје пријавил дека околу 11.30 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице, кое му го оштетило и возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 15.04.2024 во 15:15 часот во СВР Скопје, Ќ.О.(36) од с.Долно Коњари, скопско, пријавил дека околу 10.20 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Н. и А.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 15.04.2024 во 18:30 часот во СВР Скопје, 33-годишна жена пријавила дека околу 13.30 часот во скопско била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Д.А.(43) од Скопје, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 14:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.Д.(44) од Тетово и Т.Г.(49) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 16:00 часот, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица го лишиле од слобода А.В.(26) од село во Македонска Каменица, постапувајќи по претходна пријава дека на 14.04.2024 се обидел да изврши обљуба врз 68-годишна жена од друго село во Македонска Каменица. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

Вчера во 10:14 часот во СВР Битола било пријавено дека во с.Брусник, битолско, настанал пожар во куќа, во која живеела повозрасна жена. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Битола пожарот бил изгаснат, а жената била извадена од куќата. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Битола.

Синоќа во 21:50 часот, К.С.(34) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улицата „4 Јули“ во Кичево, нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник. Истиот ден, Ј.П.(190 од Кичево пријавила дека на улицата „11 Септември“ во Кичево била касната од куче скитник.

Вчера во 10:00 часот во Полициската станица Карпош, А.А.(48) од Скопје пријавила дека на ул.„Никола Тесла“ во Скопје нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Р.Ш.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ и против Б.Т.(57) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. На 01.12.2023, првопријавениот со закана со огнено оружје извршил разбојништво во спортска обложувалница, при што одзел пари од дневниот промет, а за време на извршување на делото Б.Т. чувал стража.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против М.А.(24), З.Х. (53), О.М.(25), М.Д.(34), Е.Ш.(40), А.Ш.(42) и М.К.(25), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени десет кривични дела „злосторничко здружување“, „тешка кражба“ и „помагање“. Во периодот од 11.12.2023 до 17.03.2024 на подрачјето на општина Струмица и пошироко, пријавените извршиле десет кривични дела „тешка кражба“, а украдените предмети ги продавале како старо железо.

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.Ф.(41) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 25.04 и 26.4.2023, полициски службеници извршиле претреси кај две лица, при што била пронајдена и одземена марихуана, која ја набавиле од пријавениот.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Љ.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.12.2023, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против М.З.(62) од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 06.08.2023, полициски службеници извршиле претрес во две куќи, сопственост на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пушка „Збројовка Брно“,  пиштол и куршуми со различен калибар.

СВР Струмица поднесена кривична пријава против Б.Н.(32) од Скопје и З.М.(24) од Гевгелија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Пријавените, на почетокот на мај 2023 измамиле сопружници од Струмица на начин што понудиле да им помогнат за брзо аплицирање на кредит во висина од 900.000 денари, по што во неколку наврати им дале вкупно 182.000 денари.

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против Љ.Г.(43)  од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“. На 13.04.2024 на место викано „Рушени воденици“ кај пријавениот биле пронајдени 36 кутии разновидни цигари за кои не поседувал никаква документација.

СВР Битола поднесе кривични пријави против Н.Н.(49), А.И.(34) и Б.К.(49) сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „вршење јавен превоз без поседување на лиценца“. На 23.12.2023, при вршење контрола на повеќе локации на подрачјето на Битола, полициски службеници ги затекнале пријавените како вршат јавен превоз на патници без да поседуваат лиценца за вршење јавен превоз.фф/нд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан