• понеделник, 23 декември 2024

Валери Ајер: Проширувањето е геополитичка алатка, но мора да се заснова на заслуги 

Валери Ајер: Проширувањето е геополитичка алатка, но мора да се заснова на заслуги 

Брисел, 24 април 2024 (МИА) - Проширувањето на ЕУ е процес што се заснова на заслуги и тоа мора да оди рака под рака со промените во Унијата, вели една од трите водечки кандидати на либералната група „Да ја обновиме Европа“ за јунските евроизбори, Валери Ајер во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА. 

- Ова значи дека, очигледно, и Украина и Западниот Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи за да ги исполнат условите за членство, а ние Европејците мора да спроведеме реформи ако сакаме да бидеме поефикасни во нашите процеси на донесување одлуки. На пример, прашањето за консензусот е проблем во европскиот демократски живот денес. Значи, ќе работиме во двата правци, смета Ајер. 

Според неа, руската инвазија врз Украина повторно го стави на маса прашањето за проширувањето, особено во услови на зајакнато присуство или влијание на Русија и Кина во регионот на Западниот Балкан. 

- Бидејќи во прашање е и геополитичкото влијание, значи дека проширувањето е и геополитичка алатка, но тоа мора да се одвива под услови кои се засноваат на заслуги и кои исто така ни овозможуваат да направиме напредок во нашиот европски политички проект и да го консолидираме, додава Ајер, која доаѓа од редовите на партијата Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон.  

Прашана дали РЕ ќе го поддржи реизборот на Урсула фон дер Лајен на местото претседателка на Европската комисија, Ајер вели дека таа нема да добие „бланко чек поддршка“, туку ќе бара да се земат предвид политичките приоритети на „Да ја обновиме Европа“ околу стратешката автономија и одбраната на конкурентноста и на европски демократски и либерални вредности. 

- Она што навистина ќе биде важно е кои ќе се политичките приоритети што кандидатот (за претседател на ЕК) ќе биде подготвен да ги прифати во однос на политичката посветеност за градење на Европа до 2029 година, потенцира Ајер. 

Таа нагласува дека трансформацијата на Европа во поконкурентен и поатрактивен континент, создавањето работни места, зајакнувањето на економијата, како и борбата против екстремната десница и популистите се во ДНК-то на „Да ја обновиме Европа“ (РЕ). 

- Обновата на борбата за Европа е и борба против популистите и екстремната десница, потенцира француската европратеничка. 

Ајер нагласува дека и покрај предвидувањата на анкетите, очекува либералите да останат трета по бројност политичка група во новиот состав на Европскиот парламент и да ја задржат улогата на „кингмејкери“. 

- Не им верувам на анкетите, затоа што анкетата е проекција, а реалноста, вистинската анкета, се случува ноќта на изборите... Но, вистина е, ако ги погледнете и најконзервативните анкети, мнозинството на постоечката коалиција може да го задржиме тоа мнозинство, додава Ајер. 

Запрашана што ако сепак на сегашното мнозинство во Европарламентот составено од РЕ, десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) и левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) му биде потребно „пошироко мнозинство“ дали ќе „се сврти“ в лево кон Зелените или в десно кон некои од членките на десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), Ајер нагласува дека за неа и за „Да ја обновиме Европа“ неприфатливо е „одење на преговарачка маса“ со политичка група составена од членови на екстремната десница. 

Според Ајер, токму таква група е и ЕЦР предводена од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, која своите екстремно десничарски ставови ги докажала со најновите измени на законодавството во Италија со кои се поттикнува борбата против абортусот и се обесхрабрат жените да абортираат. 

- Не доаѓа предвид коалициски договор со ЕЦР, што ја вклучува Браќата на Италија, што ќе ја вклучи (француската екстремно десничарска) Повторно освојување (Р!) на Ерик Земур, во кој се вклучени и Шведските демократи. Значи, нема коалициски договор, дефинитивно не. Никаков договор со ЕЦР, децидна е Ајер во интервјуто за ЕНР. 

Во врска со реалната можност за зголемување на бројот на европратеници од редовите на десничарските партии и зајакнувањето на т.н. „блокирачко малцинство“, Ајер потенцира дека во сите нејзини јавни настапи таа потенцира дека целта на екстремната десница е „да го поништи“ европскиот проект, кој е во интерес на сите Европејци и што на крајот би претставувало „апсолутна катастрофа за економијата, за Европската Унија и за Европа во целина“. 

Во однос на надворешната политика, Ајер нагласува дека за РЕ, САД остануваат главен трговски и безбедносен партнер на ЕУ со кои споделуваат истите вредности и може да продолжат да работат рака под рака и со целосна доверба.  

- Сега, геополитичкиот ризик од враќање на Трамп е реалност. Треба сами да одлучуваме како Европејци на ниво на Европската Унија и да ја изградиме стратешката автономија за да не бидеме повеќе зависни од другите сили. Тоа е навистина важно. Секако, се надевам дека ќе продолжиме да работиме рака под рака со САД, но мораме да можеме да создадеме услови за сопствена безбедност и тоа значи напредок во европската одбрана, изјави Ајер, додавајќи дека таа европската одбрана треба да претставува „втор крак на НАТО“ и ќе им овозможи на Европејците да бидат посилни во рамки на Алијансата.  

Според Ајер, во однос на еколошките прашања предизвик за следниот мандат на институциите на ЕУ треба да биде усвојување на Зелен договор 2.0, со кој ќе се овозможи имплементација на поставените цели за климатска неутралност до 2050 година.  

- Сега треба да ја имплементираме оваа легислатива, осигурувајќи се дека никој нема да биде изоставен и што ќе значи поддршката и давање можности за нашите бизниси и поддршка на домаќинствата... Значи, имплементација, имплементација, имплементација, смета Ајер. 

На тој начин, според неа, ќе се создадат регулаторни и финансиски услови со цел транзицијата на животната средина да стане реалност и да се постигне климатска неутралност до 2050 година во сите сектори. сп/лв/

Фото: РЕ/Фејсбук

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан