• понеделник, 20 мај 2024
МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 31 март 2024 (МИА) - Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје извршила претреси со судска наредба во два стана на подрачјето на Центар и Карпош, при што се пронајдени и одземени кокаин, марихуана и две дигитални ваги, а од слобода била лишена Л.Ј.(54) од Скопје.

По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

Вчера во 17:25 часот полициски службеници од полициската станица Радовиш го лишиле од слобода Ј.К.(49) од село во општина Конче кој се сомничи дека од почетокот на 2022 година до ноември 2023 година во повеќе наврати извршил обљуба врз малолетничка од село во општина Конче.

Лицето било задржано во Полициската станица Радовиш,  за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот и поднесување на соодветна пријава, во текот на денот Ј.К. ќе биде изведен пред судија на претходна постапка од Основниот суд Струмица.

Ноќеска во 03:45 часот полициски службеници од полициската станица Валандово го лишиле од слобода српскиот државјанин М.С.(26), кој околу 01:30 часот на бензинска пумпа во село Јосифово со остар предмет го нападнал А.С.(31) од село Пирава, валандовско, нанесувајќи му повреди, констатирани од лекар во Итна медицинска помош Гевгелија.

Српскиот државјанин бил задржан во полициската станица Гевгелија, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки во текот на денот против М.С. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Вчера во 10:30 часот во полициското одделение Петровец, Г.Т. пријавила дека Е.Ч.(20) од Република Албанија се оддалечила од домот во Скопје каде престојува.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Во 23:20 часот вчера во СВР Велес, В.Ж.(47) од Велес пријавила дека на улицата „8-ми Септември“ во Велес нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Во петокот во 21:45 часот од Итната медицинска помош било пријавено дека кај нив за укажување лекарска помош дошол Н.Д.(31) од Велес, кој имал повреди нанесени со остар предмет.

Полициски службеници извршиле разговор со Н.Д., кој кажал дека на улицата „Јане Сандански“ во Велес по претходна расправија бил физички нападнат со остар предмет од машко лице. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 21:30 часот во СВР Охрид е пријавено дека на фудбалски терен каде се одигрувал фудбалски натпревар во рамките на општинска фудбалска лига Охрид, едно лице физички го нападнало главниот судија.

По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена пријава според Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревар.

Ноќеска во 02:00 часот по полноќ во СВР Скопје, 40-годишен маж пријавил дека на 30.03.2024 околу 17.30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неговата сопруга Љ.Ј.(35) од Скопје.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 Вчера во 15 часот во СВР Скопје, С.А.(50) од Скопје пријавил дека околу 13:30 часот на автобуска постојка на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Б.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

Во петокот во 13:55 часот во СВР Скопје Ѓ.Д.(57) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Шуто Оризари нејзината малолетна ќерка била физички нападната од М.А.(19) од Скопје, со кого претходно била во љубовна врска.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 21 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 16:50 часот на местото викано „Преслап“ кон с.Цветово-скопско службени лица од Шумската полиција застанале едно возило натоварено со дрва, по што возачот се дал во бегство.

По кратко време пристигнало уште едно возило од кое излегле четири лица при што ги оштетиле службеното возило како и возилото натоварено со дрва, по што го одзеле возилото со дрвата и го напуштиле местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Ноќеска во 00:57 часот во СВР Скопје од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив бил донесен С.А.(23) од Скопје со повреди нанесени од остар предмет.

Според пријавеното, настанот се случил на 30.03.2024 околу 23:15 на подрачјето на Бит Пазар каде Х.М. од Скопје поради нерасчистени должничко–доверителски односи го нападнал со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во 01:20 часот по полноќ во СВР Скопје, било пријавено дека на влез во населбата Кучевишка Бара во Скопје настанал пожар во комбе „фолксфаген“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Д.(26) од с.Бразда, скопско.

Од страна на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 21:23 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 20:30 часот на подрачјето на Карпош двајца малолетници од Скопје биле физички нападнати од Н.П.(36) од Ресен, со престојувалиште во Скопје.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во 15.30 часот вчера во Тетово полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода А.Ш.(78) и З.Ш.(70), по претходна пријава од нивниот сосед М.Р.(51) дека З.Ш. физички го нападнала со тврд предмет, а А.Ш. го нападнал со остар предмет.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска во 09:15 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„11-ти Октомври“ во Куманово бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу  Џ.С.(31) и М.Л.(24), двајцата од Куманово.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан