• петок, 28 јуни 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) – Денеска (27.06.2024) околу 11.30 часот, во Скопје, во централното градско подрачје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.С. (26) од Скопје, кој околу 11.10 часот, исто така во централното градско подрачје, со употреба на физичка сила одзел златен ланец од К.А. (55) од Скопје. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки од полициските службеници и А.С. е лишен од слобода и против него ќе следуваа соодветна кривична пријава, а златниот ланец е пронајден и ќе биде вратен на оштетената.      

На 26.06.2024 полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода У.С.(23) и Ф.Р.(24) двајцата од с.Кондово, скопско, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. По претходна наредба од Основен кривичен суд-Скопје, од страна на полициски службеници од ЕВР-ОКР Ѓорче Петров биле извршени претреси на четири локации во селото, кај двајцата лишени од слобода и уште двајца малолетници, при што кај У.С. биле пронајдени предмети кои потекнуваат од сторено кривично дело, како и предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетниците бил извршен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува кривична пријава за сторено кривично дело „тешка кражба“. 

На 26.06.2024 полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје го привеле Д.Ш. (18) од Скопје поради извршено кривично дело „насилство“, предвидено и казниво по член 386 од КЗ. На 25.06.2024 околу 23 часот на ул. „Среќко Пужалка“, на територија на Гази Баба, тој и уште четири лица физички и со остар предмет ги нападнале М.М.(18) и уште еден малолетник, двајцата од Скопје. На М.М. и малолетникот на помош за да ги одбранат им дошле Д.А. (54) и С.А. (52), по што еден од напаѓачите испукал три куршуми во воздух. Од страна на ЕНК поднесена е кривична пријава по брза постапка до ОЈО, против Д.Ш. за кривично дело „насилство". Се преземаат и дополнителни мерки и активности за пронаоѓање на останатите напаѓачи.

На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 26.06.2024 во 15.15 часот во Полициска станица Велес Т.Д.(45) од Велес пријавила дека во Младинскиот парк во Велес, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 26.06.2024 во 13.40 часот Е.В.(39) од Кичево, во полициска станица пријави дека во селото Другово, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник. Истиот ден, во  15.40  часот во ОВР Кичево, Ш.И.(33) од кичевското село Гарани, пријави дека, неговиот малолетен син, на улицата „Скопска“, бил каснат од куче скитник

На 26.06.2024 во 14 часот во Полициското одделение во кичевското село Зајас, Р.С.(74) од селото Речани, пријави дека на локален пат во истото село, бил каснат од куче скитник.

Денеска (27.06.2024) околу 03.00 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во с.Волково, скопско, настанал пожар во куќа сопственост на Г.С..Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна единица Скопје.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Р.И.(51) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Пријавениот, во текот на ноември и декември 2023,  на локација во Катастарска општина Маврово на површина која била државен имот, изградил бетонски каскади по течението на „Мавровска река“, без да поседува одобрение од надлежен орган.

На 26.06.2024 околу 11.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во близина на средно училиште на подрачјето на Центар во Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Ф.(18), А.С.(19) и Х.М.(18) сите од Скопје и уште неколку други лица, сите ученици во истото училиште. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 26.06.2024 во 14.25 часот во СВР Скопје, С.С.(28) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Бит Пазар, едно лице со употреба на физичка сила ѝ го одзело накитот што го носела на себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 25.06.2024 во 13.00 часот во Полициската станица Аеродром, А.С.(26) од Скопје пријавил од местото каде престојувал се оддалечил П.Г.(28) од Непал, со престој во Скопје, кој бил вработен во приватна фирма. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26.06.2024 во 12.00 часот во СВР Скопје, 26- годишна жена од Скопје пријавила дека на 23.06.2024 околу 19.00 часот на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер Т.И.(29). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

На 26.06.2024 во 20.50 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го привеле С.С.(51) од Скопје поради тоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.06.2024 во 13.00 часот било пријавено дека во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање Н.З.(68) со остар предмет физички го нападнал А.З.(34), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.06.2024 во 20.30 часот полициски службеници од Единицата за насилен криминал–Одделението за насилен криминал при СВР Скопје ги лишиле од слобода  С.О.(29),  Џ.О.(58) и Ј.О.(27), сите од Скопје, по претходна пријава дека околу 14.10 часот на подрачјето на Чаир, по претходни недоразбирања, физички го нападнале нивниот роднина М.К.(31) од Скопје, при што му го оштетиле возилото кое го управувал и му одзеле лични предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (27.06.2024) во 03.40 часот во Штип полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода М.Ц.(45) од Штип по претходна пријава дека околу 02.30 часот во домот физички ја нападнал неговата 52-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 26.06.2024 во 09.00 часот во Полициското одделение Македонска Каменица било пријавено дека во с.Моштица,-Македонска Каменица, по претходна расправија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу П.В.(66) и С.В.(59) од една страна и С.Р.(43) од друга страна, сите од с.Моштица, при што бил употребен и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.К.(49) од гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство. Пријавениот на  08.06.2024, во двор на семејна куќа во гостиварско физички ја нападнал својата 38-годишна вонбрачна партнерка , нанесувајќи и телесни повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против И.М.(29) од гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство.  На 28.05.2024, пријавениот во семејниот дом во гостиварско, физички го нападнал својот 66-годишен татко, нанесувајќи му телесни повреди.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.К.(77) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 12.04.2024, пријавениот, по претходни нерасчистени имотно правни односи, во дворно место од куќата на Р.К. и А.К., со секира кршел делови од инвентарот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Д. (45) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 19.05.2024, пријавениот во семејниот дом на оштетената со која бил во љубовна врска, физички ја нападнал, при што и нанел телесни повреди. ра/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан