• сабота, 23 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - На 28.05.2023 во 22:50 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода А.С.(30) од Велес. Тој се сомничи дека во периодот од 21.04.2023 до 28.05.2023 на подрачјето на СВР Велес извршил повеќе тешки кражби и кражби од индустриски погони и викенд куќи. На 21.04.2023 извршил тешка кражба во фабрика во Велес, на 24.04.2023 тешка кражба во викенд куќа сопственост на Г.Ј. во место викано „Долна Брца“, на 28.04.2023 во фабрика во Велес, на 02.05.2023 тешка кражба во викенд куќа во место викано „Три дола“ сопственост на Г.В., на 16.05.2023 тешка кражба во викенд куќа сопственост на Д.Б. во место викано „Сариер“ и на 28.05.2023 тешка кражба во гаража од семејна куќа на ул.„Вера Циривири“, сопственост на Ј.Б. од Велес. Дел од одземените предмети се пронајдени и вратени на сопствениците, а лицето е приведено во Полициската станица Велес и по целосно документирање на настаните ќе следува соодветна пријава. 


СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Ј.(57) од Охрид, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, без соодветно одобрение за градба издадено од надлежен државен орган, на приватен објект нелегално изградил поткровје, што било утврдено и од овластен градежен инспектор при Одделението за инспекциски надзор.


На 28.05.2023 во 16 часот на ул.„Балканска“ во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го пронашле Р.И.(17), за кој претходно беше пријавено дека се оддалечил од СОС Детско село од Скопје. Лицето било предадено на Центарот за социјални работи Скопје. 


СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.С.(20) од село Лојане, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 16.12.2022 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.  


Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднесе кривична пријава против А.Д.(29) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,несовесно работење во службата’’ и против А.Ј.(21) од Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на лични податоци’’. На 30.08.2022, првопријавениот во својство на продажен агент во продажен салон на мобилен оператор, не извршил идентификување на корисникот и без да води сметка за заштита на личните податоци ѝ овозможил на второпријавената противправно и без согласност од оштетената од село во Богданци да склучи анекс договор за користење на постпејд услуги, при што со злоупотреба на нејзините лични податоци купила и телефонски апарат.

На 29.05.2023 во 16:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека претходниот ден околу 14.00 часот во тетовско Камењане, патничко возило удрило во велосипед што го управувал 61-годишниот Б.И. од ова село и го напуштило местото на несреќата. Во несреќата, Б.И. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во тетовската Клиничка болница, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. На местото увид извршила екипа од СВР Тетово.


На 29.05.2023 во 15.40 часот во СВР Тетово, 44-годишен маж од Гостивар пријавил дека Н.Н. од тетовска Мала Речица пред неколку години му ветил дека ќе му обезбеди работна виза за Германија, за што му дал пари. Според пријавеното, Н.Н. ниту му обезбедил виза, ниту му ги вратил парите. Се расчистува и документира случајот по што ќе следува соодветна пријава. 


Денеска (30.05.2023) во 06:20 часот во СВР Куманово било пријавено дека во атар на с.Речица, кумановско, било пронајдено лице мигрант со повреди од остар предмет. Лицето било пренесено во Општа болница Куманово, каде во 07:45 часот починало. Полициски службеници на СВР Куманово извршиле увид и по преземените мерки и извршени разговори било констатирано дека настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица мигранти, при што починатиот мигрант бил прободен со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 29.05.2023 во 15:15 часот во СВР Скопје, В.П.(35) од Скопје пријавил дека околу 14:10 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице кое употребило и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 


На 29.05.2023 во 11:50 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во стан на подрачјето на Аеродром, сопственост на К.К.(36) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а лекар од Итна медицинска помош укажал помош на К.К., поради вдишување на чад. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје.  


На 29.05.2023 во 13 часот во СВР Скопје било пријавено дека после браната Матка во Скопје од одрон на патот со тешки телесни повреди се здобил В.П.(73) од Полска. Тој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. 


На 30.05.2023 околу 02:30 часот, полициски службеници на СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Б.(21) од Скопје. Тој се сомничи дека околу 20 часот на 29.05.2023 на ул.„Мирче Ацев“, заедно со Б.П.(21) од Скопје со употреба на сила внеле во возило 17-годишна малолетничка од Скопје , со која Б.П. бил во љубовна врска, а набргу потоа Б.П. и малолетничката се симнале од возилото и заминале. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.


На 29.05.2023 во СВР Битола, З.Д.(41) од Битола пријавил дека на ул.„Васил Брклевски“ во Битола бил каснат од куче скитник.


На 29.05.2023 во 14.10 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на булевар „Гевгелија“ настанал пожар во помошна просторија на бензинска пумпа. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Гевгелија, а повредени лица нема. Увид бил извршен. 


На 29.05.2023 во 22:30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Е.Д.(34) од Скопје пријавила од домот се оддалечила нејзината малолетна ќерка Ј.Д.(13). Според пријавеното, таа се сомнева дека Ј.Д. е со нејзиното момче Е.Д. од населба Злокуќани. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.   


На 29.05.2023 во 10 часот во СВР Скопје, Ј.С.(55) од с. Студеничани, скопско, пријавил дека на 28/29.05.2023 во периодот од 20.30 до 10 часот од залутано зрно бил оштетен соларен панел поставен на покрив од куќа во с.Студеничани. Извршен бил увид на местото на настанот. 


На 29.05.2023 во 15:10 часот во ОВР Кичево, Џ.А.(29) од Прилеп пријавила дека на улица „Прилепска“ во Кичево била касната од куче скитник. свс/сп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан