• петок, 10 мај 2024

МВР-билтен

МВР-билтен

Скопје, 30 април 2024 (МИА) По преземени мерки и активности, на 29.04.2024 во 17.40 и во 18.20 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север ги лишиле од слобода Д.М.(26) од Гевгелија, со живеалиште во Богданци и В.А.(28) од Пакистан, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Претходно, В.А. бил забележан како од железничката пруга кај с.Табановце, Кумановско, презема шест лица мигранти од Кина и ги спроведува во близина на автопатот „Пријателство“ кај селото Табановце, по што заминал. Набргу, на местото пристигнал Д.М. со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, во кое ги сместил мигрантите и се упатил кон Куманово. По преземени мерки, возилото било запрено, по што Д.М. бил лишен од слобода, возилото било одземено, а мигрантите сместени во прифатен центар. Исто така, по преземени мерки, набргу бил пронајден и лишен од слобода и В.А.. Лицата биле предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 29.04.2024 во 18.20 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Ѓ.Д.(25) од Струмица. Тој се сомничи дека истиот ден извршил кражба во магацин во село Дабиле, Струмичко, при што одзел повеќе предмети. Во службен разговор во полициска станица тој го признал делото и кај него биле пронајдени украдените предмети, кои се вратени на сопственикот. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по негово документирање против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 29.04.2024 во 12.40 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници го лишиле од слобода Д.К.(49) од Република Грција, поради сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп“. При пасошка и гранична контрола на возилото „форд“ со германски национални ознаки, кое го управувал, тој во својата патна исправа ставил пари како поткуп. Парите биле одземени со потврда за одземени предмети, а лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 29.04.2024 во 22.00 часот на подрачјето на Шуто Оризари во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода У.А.(37) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 29.04.2024 во 05.00 часот на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници го лишиле од слобода Д.С.(43) од Република Србија, затоа што во терминалната зграда го оштетил стаклото на заштитната врата. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициското одделение Петровец за понатамошна постапка.  

На 29.04.2024 во 16.00 часот на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници го лишиле од слобода И.М.(39) од Скопје, затоа што при пасошка контролa било констатирано дека бил баран  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“. Тој бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка. 

Во текот на вчерашниот ден (29.04.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 133 возачи. Од нив девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 55 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 78 надвор од населено место. 

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (29.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 125 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 16 санкции, 15 мерки за непочитување на брзината на движење, осум мерки за користење мобилен телефон при возење, три санкции за некористење сигурносен појас... 

На 29.04.2024 во 21.55 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на ул.„Маршал Тито“ во село Сретеново, општина Стар Дојран, патничко возило „опел“ со грчки национални ознаки, управувано од грчкиот државјанин Р.Н.(70), удрило во паркирано патничко возило „шкода“ со кумановски регистарски ознаки и во патничко возило „опел“ со грчки национални ознаки, управувано од грчкиот државјанин А.Л.(61). Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Р.Н., констатирани во Медицински центар Гевгелија. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Гевгелија. 

На 29.04.2024 во 17.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот „Пријателство“, во насока кон Куманово, атар на с.Романовце, Кумановско, патничко возило „бмв“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Г.Г.(35) од Велес, удрило во патничко возило „ланд ровер“ со скопски регистарски ознаки, паркирано од М.Џ.(33) од Скопје, кое пак по инерција удрило во товарно возило „ивеко“ и приколка со битолски регистарски ознаки, паркирано од Т.П.(47) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.Џ., констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово. 

На 29.04.2024 во 11.00 часот во Полициската станица Аеродром, К.А.(39) од Скопје пријавила дека на бул.„Кузман Јосифовски - Питу“ во Скопје била касната од куче скитник.  

На 29.04.2024 во 18.40 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, И.С.(37) од Скопје пријавил дека на ул.„Алексо Демниевски“ во Скопје бил каснат од куче скитник. 

На 29.04.2024 во 19.15 часот во Полициската станица Центар, А.К.(29) од Скопје пријавил дека на ул.„Ѓуро Ѓоновиќ“ во Скопје бил каснат од куче скитник. мд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан