• петок, 22 ноември 2024

Благодарници „Илинден“ за Мојсова-Чепишевска и Антоновски за особен придонес за македонското национално малцинство во Албанија

Благодарници „Илинден“ за Мојсова-Чепишевска и Антоновски за особен придонес за македонското национално малцинство во Албанија

Дебар, 10 мај 2024 (МИА) - Претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај, денеска им ги врачи благодарниците „Илинден“ на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и ас. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Признанието им е доделено за особен придонес за македонското национално малцинство во Република Албанија, по повод 15-годишнината од формирањето на друштвото. 

Како што е истакнато во образложението, признанието се доделува за особени заслуги со ангажман и постојани активности во насока на зачувување и одржување на националниот идентитет на Македонците во Република Албанија. 

-И овој пат, за ова традиционално признание беа предложени повеќе институции и поединци, но од предложените се избрани оние кои со својата работа најмногу придонесоа за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата и културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Досегашни добитници на признанието се исклучиво најзаслужните за зачувување и одржување на националниот идентитет на македонското малцинство во Албанија, рече за МИА, Ѓурѓај.

По врачувањето на благодарнците и искажувањето на благодарноста што им ја упатуваат Македонците од Албанија, додава тој, на средбата разменети се идеи и мислења за содејствување во конкретни натамошни активности во областа на филологијата и културата кои се очекува да придонесат за заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот, верскиот и историскиот идентитет на македонско национално малцинство во Република Албанија. 

Исто така, тројцата соговорници разговарале и за продлабочување на соработка преку неколку проекти кои ќе го зајакнат меѓукултурниот дијалог и ќе претставуваат нови мостови што ќе ги поврзуваат македонската и албанската култура. вт/сст/

Фото: МД„Илинден“-Тирана

Остани поврзан