• понеделник, 23 декември 2024

Маркуш: Задоцнети се преговорите со Северна Македонија и Албанија, се надевам на вистинска одлука до крајот на декември

Маркуш: Задоцнети се преговорите со Северна Македонија и Албанија, се надевам на вистинска одлука до крајот на декември
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) – Преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија се многу задоцнети. Сите се надеваме дека вистинската одлука ќе биде донесена до крајот на словенечкото претседателство со ЕУ и Словачка напорно работи за постигнување на оваа цел, изјави денеска словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш. Словачкиот амбасадор истакна дека е добро Северна Македонија да остане на реформскиот пат и оти тоа испраќа добра порака до Унијата. - Спроведувањето на реформите испраќа добра порака до Унијата. Прво дека испорачувањето реформи се прави најпрво за доброто на државата и на граѓаните, и второ дека сте повеќе од подготвени да ги започнете пристапните преговори и со тоа да докажете дека можете да го примените европското законодавство, рече Маркуш на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија, која денеска расправаше на темата „Нов извештај на Европската комисија – стари проблеми: Како до поголема ефикасност во изрекувањето и извршувањето на мерката конфискација на имот“. Тој оцени дека последниот извештај на ЕК за државава имаше доста позитивна конотација и оти тоа е уште еден опиплив доказ дека земјава прави важни чекори и вреден напредок на евроинтегративниот пат, што за жал, според него, денес многу повеќе налага за разлика од случајот со останатите држави што и се приклучија на Унијата во минатото. Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало потсети дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во однос на политичките критериуми нотира напори за зајакнување на демократијата и владеење на правото, и обврската да се испорача во клучните области на фундаментите, вклучувајќи преку Агендата „Европа дома“ и „Акцискиот план 21“ за борба против корупцијата. - Бројни препораки ги оцртуваат потребните чекори како што е детален преглед на изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони. Зајакнување на Парламентот како форум на конструктивен политички дијалог особено во областа на ЕУ реформите, задржување на реформскиот моментум и фокусот на имплементацијата на постоечната законска рамка, отколку иницирање спорадични нови иницијативи, оцени Васало на сесијата на НКЕУ-МК. Според него, навременото и суштинско спроведување на реформската агенда бара одржлива поддршка од општеството како целина. - Во однос на судскиот систем, важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови. Новиот предлог-закон за Академија за судии и јавни обвинители треба да ја задржи Академијата како единствена влезна точка во судството и обвинителството и да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии. Земјата продолжи да го консолидира своето искуство во истрагата, гонењето и судењето на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Обвинителството за организиран криминал и корупција, рече Васало. Тој посочи дека напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат, а треба да се направи повеќе за да се подобри ефективноста и координацијата меѓу органите за спроведување на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал. - Основните права забележаа различни нивоа на успех: воспоставена е правна и институционална рамка за антидискриминација, процесот на деинституционализација постигна вистински напредок. Со меѓупартиска поддршка беше донесен Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и е забележано подобрување во однос на вклучувањето на родовите аспекти во главните политики и правата на жените, иако жените се меѓу категориите најтешко погодени од пандемијата. Сепак, потребна е целосна имплементација на препораките на европските и меѓународните тела за човекови права, особено во однос на третманот на притворените и осудените лица, потсети Васало на сесијата на НКЕУ-МК „Нов извештај на Европската комисија – стари проблеми: Како до поголема ефикасност во изрекувањето и извршувањето на мерката конфискација на имот“. нд/ац/

Остани поврзан