• недела, 30 јуни 2024

Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф" од 2 до 6 септември

Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф

Дебар, 17 август 2023 (МИА) - Во чест на македонскиот зограф Дичо Зограф и зачетокот на таканаречената македонска ренесанса во уметноста, во неговото родно Тресонче, од 2 до 6 септември ќе биде отворена четвртата по ред, традиционална Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“.

Од Здружението на граѓани „Брзовец" - Тресонче информираат дека школата ќе се одржи во црквата „Светите апостоли Петар и Павле" и во Бигорскиот манастир. Настанот е под покровителство на Институтот „Цветан Грозданов" при МАНУ, а ја организира ЗГ „Брзовец",  Општина Маврово и Ростуше и Свештената бигорска Обител. Ќе бидат опфатени уметноста и архитектурата во мијачкиот регион.

-Готовиот проект кој ќе се реализира до крајот на 2023 година за реконструкцијата на старото селско училиште и негово претворање во дом на културата е со цел овој настан да добие свое седиште во родното место на најголемиот македонски иконописец и тресонченец - Дичо Зограф, наведуваат во објавата.

Инаку, неодамна меѓу проектите за поддршка на локалните заедници со доделување на капитални дотации од областа на културата, Министерството за култура одобри  средства за реконструкција на поранешното училиште „Димитар Ормански“  и негово ревитализирање во мултифункционален културен центар, каде ќе се пречекуват посетители.

- Со уредување на објектот ќе се добие простор за одржување на јавни настани, инфо-центар, тераса за работа на отворено, простор за изложување или музеј и други пропратни простории. Со тоа, ќе се придонесе за поголем културен и туристички развој на еден од најживописните краишта во нашата држава, мијачкиот крај, изјави Медат Куртовски, градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, каде територијално припаѓа селото.

Малореканската летна школа со своите активности има голем придонес во афирмацијата на Дичо Зограф, но и на македонските зографи од 19 век, а од досегашните активности произлегоа неколку научни трудови во кои се третираат дела на малку познати македонски зографи, со тенденција да се создаде база за посериозни истражувања на македонската уметноста и преродбата во 19 век.

Од здружението изразуваат голема благодарност до Бигорски Манастир „Св. Јован Крстител", Општина Маврово и Ростуше, Дебарско-Кичевската Епархија при МПЦ и сите останати организатори и поддржувачи.вт/бт/

Остани поврзан