Макрон ги осуди апсењата на новинари и противници на власта во Турција
- Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги осуди „нападите и агресијата“ во Турција, по апсењето на стотици демонстранти, противници на власта, како и новинари.

Париз, 27 март 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги осуди „нападите и агресијата“ во Турција, по апсењето на стотици демонстранти, противници на власта, како и новинари.
„Системската природа на гонењето на опозициските личности и граѓанското општество, нападите врз слободата на информирање и собирање, како и апсењето и притворањето на градоначалникот на Истанбул јасно претставуваат агресија поради која можеме само да жалиме“, рече Макрон по состанокот во Париз на коалицијата на земји кои ја поддржуваат Украина.
„На Турција и треба Европа, а на Европа и треба Турција која ќе ги преземе своите европски безбедносни одговорности и ќе продолжи по својот демократски пат, истовремено почитувајќи ги обврските што ги презеде“, додаде Макрон.
Францускиот претседател рече дека Турција „има улога“ во напорите за мир во Украина и додаде дека „тоа била целта на присуството на турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз на состанокот на земјите кои сакаат да и помогнат на Украина“.
„Турција има единствена одговорност во Црното Море и може да биде актер кој придонесува за траен мир“, додаде Макрон.
Турција е зафатена од големи протести од 19 март, кога беше уапсен опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Турските власти денеска наредија ослободување на осум новинари уапсени поради известување од забранети собири, меѓу кои и фотографот на Франс прес Јасин Акгул, кој беше уапсен во понеделникот.
Властите, кои забранија собири во неколку поголеми градови и наведоа дека од 19 март се повредени 150 полицајци, денеска соопштија дека уапсиле 1.879 лица од почетокот на протестите. паг/
Фото: ЕПА