• понеделник, 23 декември 2024

Лидерите на ЕУ се заложија за поголема продуктивност и одржлив и инклузивен раст во цела Европа 

Лидерите на ЕУ се заложија за поголема продуктивност и одржлив и инклузивен раст во цела Европа 

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Европската Унија е посветена да дејствува решително за да обезбеди долгорочна конкурентност, просперитет и лидерство на глобалната сцена и да го зајакне својот стратешки суверенитет, па затоа ќе се заложи за зголемување на продуктивноста и  обезбедување одржлив и инклузивен раст низ цела Европа, се наведува во заклучоците од денешниот втор ден од Специјален самит на ЕУ, на кој се дебатираше по Извештајот за иднината на единствениот европски пазар, изработен од претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета. 

- Европскиот совет ќе обезбеди интегриран пристап во сите области на политиката за да изгради робусна, иновативна и еластична економија и да го унапреди единствениот социјален и економски модел на Европа што ќе ја зајакне конкурентната транзиција на Унијата кон дигитален суверенитет на самоопределен и отворен начин и кон климатска неутралност. Зелениот договор има за цел да обезбеди конкурентност на глобално ниво и зголемување на енергетската независност. Ова ќе го зголеми реалниот приход и куповната моќ, со што ќе се подобри животниот стандард за сите граѓани на ЕУ, се истакнува во заклучоците. 

Во документот се посочува дека во изминатите 30 години, единствениот европски пазар и неговите четири слободи за движење на капитал, стоки, услуги и луѓе беа моќен двигател на конвергенцијата и растот во ЕУ и нејзините земји членки, промовирајќи на конкурентна социјална пазарна економија, економска, социјална и територијална кохезија и рамноправни услови за игра. 

- Во светло на геополитичките тензии и зачестената политика на заштитни мерки преземени од меѓународните партнери и конкуренти, особено со субвенциите, но и како резултат на технолошките и демографските трендови, на Европа и треба промена на политиката за надоградување на нејзините конкурентски потенцијали, се додава во заклучоците. 

По завршувањето на Самитот, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел изјави дека иако веќе 10 години учествува на лидерски самити, ова е првпат по многу време да нема само дискусии за конкурентноста и за инвестициите, туку да се донесат конкретни решенија и заклучоци поврзани со инвестициите и инвестициската стратегија. 

 - Единствениот пазар e основно средство за сите нас, за просперитетот и за иднината и затоа мораме да го подобриме и да го зајакнеме, рече Мишел на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Според Мишел, зајакнувањето на пазарот претставува предизвик и можност да се работи на развој на циркуларна економија и на развивање на индустриска стратегија на ЕУ, во што клучна улога ќе има енергетската унија. 

- Мора да сфатиме дека мора да мобилизираме повеќе пари и алатки за инвестирање во стратешките сектори, истакна Мишел, додавајќи дека притоа мора да се поддржат и малите и средните претпријатија и да им се овозможи пристап на единствениот пазар. 

Според Мишел, трите најзначајни прашање што манифестираат важноста на одлуките донесени на денешниот Самит се хармонизацијата на инсолвентноста, промените на деловни услови за европските компании и зајакнувањето на европската супервизија над финансиските институции. 

- Се соочуваме со вонредни предизвици, како климатските промени, дигиталната транзиција, и променети економии, мора да се инвестираме повеќе во безбедноста и дополнително да се соочиме со демографските предизвици, кои се дел од проблемите што мора да ги решиме, истакна Мишел. 

Од тие причини, според него, ЕУ треба да се потпре на неколку столба - инвестициите, енергетската унија и намалувањето на бирократските ограничување. 

Мишел додаде дека пред дебатата за овие економски прашање, лидерите на ЕУ имале средба со Лета, кој порачал дека европскиот проект содржи вредности во кои сите веруваме, но некогаш се потребни инженериски вештини за да се прилагоди механизмот кога има потреба од прилагодување. 

Фон дер Лајен, од своја страна, му изрази благодарност на Лета за, како што рече, одличниот извештај со кој ќе се поттикнат приоритетите на дејствување за зајакнување на конкурентноста и единствениот пазар, пред се во четири главни области – создавањето унија на пазарот на капитал, намалување на цените на енергијата, надминување на недостигот на стручен кадар и зајакнување на конкурентност во услови на слободна трговија. 

Според неа, како резултат на фрагментираниот пазар на капитал и финансиски систем на ЕУ, секоја година 300 милијарди евра европски средства се пренасочуваат во странство, главно во САД, кои би можеле да се искористат за развој на компаниите во Унијата. 

- Прво, треба да се намалат трошоците за компаниите на пазарите на капитал и за инвеститорите. Второ, да се зајакне и усогласи надзорот на најважните играчи. И трето, да им се даде предвидливост на инвеститорите за прашања како инсолвентноста. Затоа треба да бидеме фокусирани на едноставна европска рамка која додава вредност, ги намалува трошоците и го подобрува пристапот до капиталот за бизнисите во сите региони, рече Фон дер Лајен. 

Во однос на цените на енергијата, таа посочи дека тие значително влијаат врз европска конкурентност и со нивно намалување и во исто време со изградбата на нова економија базирана на чиста енергија и користењето на обновливи енергетски извори, ЕУ може да ја направи промена која е неопходна. 

Кога станува збор за недостигот на стручен и обучен кадар, според Фон дер Лајен, потребно е да се направат напори за потенцијално привлекување на секое лице на пазарот на трудот, за обуки на младите, за подобар пристап на жените до пазарот на трудот и за поттикнување на легалната миграција.  

- Минатата година имавме 3,5 милиони мигранти кои легално дојдоа во ЕУ и се приклучија на нашата работна сила. Тоа е три пати повеќе од илегалната миграција. Значи, колку сме подобри со легалната миграција, толку посоодветно ќе можеме да се бориме против илегалната миграција и шверцерите и трговците со луѓе, истакна Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека е невозможна конкурентност без трговија, особено што „Европа е трговски континент“ и затоа мора да продолжи да работи за отворена и фер трговија која нуди можности за компаниите.  

- Благодарение на нашите обединети напори, ЕУ ја преброди Ковид-кризата подобро од кој било друг регион. Невработеноста е на историски најниско ниво, помалку од шест отсто минатиот декември, а вработеноста е на највисоко ниво во историјата на 75 проценти во 2023 година. Инфлацијата се враќа на ниво од речиси два отсто. Така, нашата задача, колективно, е да го консолидираме ова и да го трансформираме во одржлив и долгорочен раст, заклучи Фон дер Лајен.

Инаку, ова е последен планиран Самит на ЕУ пред изборите за членови на Европскиот парламент во јуни. сп/

Фото: МИА Архива/ЕБС

Остани поврзан