• петок, 28 јуни 2024

Куманово одвои милион денари за Турција и Сирија

Куманово одвои милион денари за Турција и Сирија
Куманово, 7 февруари 2023 (МИА) - Куманово ќе донира милион денари, по 500.000 илјади и на Турција и на Сирија за помош и поддршка на граѓаните на овие две држави по катастрофалниот земјотрес, одлучија денеска советниците на првата вонредна седница на советот. Одлуката беше донесена едногласно.

Секретарот на општина Куманово, Александар Гелевски, појасни дека средствата се одделуваат од резерви на општина Куманово и ќе се распределат на жиро сметките кои ќе им ги достават дипломатските претставништва на двете држави.

- За реализација на член 1 од оваа Одлука се задолжува Градоначалникот на Општина Куманово да спроведе уплата на наведените средства на жиро – сметки кои ќе бидат добиени од официјалните дипломатски претставништва на двете држави, рече Гелевски.

Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска кажа дека Куманово е познато по својата хуманост и вакви одлуки и претходно се носеле за други држави и даваше помош за настраданите од земјотреси, поплави и други елементарни непогоди

- Како општина може да донираме средства и сакам да потенцирам финансиите се мали согласно размерот на штетата, но ако нашиот пример го следат и останатите општини ќе помогнеме на населението и на Турција и Сирија. Изразувам сочуство, нашите мисли се со нив, се молиме за повеќе извлечени од урнатините, рече Ѓорѓиевска.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски на социјалните мрежи информираше дека Куманово ќе донира за Турција и Сирија. ам/аа/

Остани поврзан