• четврток, 01 август 2024

Кривична пријава за полициски службеник кој пукал на семејна веселба

Кривична пријава за полициски службеник кој пукал на семејна веселба

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Полицискиот службеник, В.И., вработен во Полициското одделение Петровец при СВР Скопје, е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност" по член 288 од КЗ. 

МВР денеска соопшти дека по претходно добиени информации дека полициски службеник, вработен во Полициското одделение Петровец при СВР Скопје, извршил кривично дело „предизвикување општа опасност", предвидено и казниво по член 288 од КЗ, пукајќи на веселба во дворот од својот дом, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција - Сектор за недозволена трговија со дроги, оружје и опасни материи во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и СВР Скопје - Единица за насилен криминал и Единица за интервентна полиција, по претходно издадена наредба за претрес на дом од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд, извршен е претрес во домот на полицискиот службеник В. И. во с. Синѓелиќ, скопско.

- При претресот е пронајдена пушката "хуглу" модел ХР 7 (користена при кривичното дело) и пиштол за светлосно звучна сигнализација "екол", кои ги поседува со дозвола и потврда за поседување на овој вид оружје. Известен е јавен обвинител од ОЈО Скопје, а В.И. е лишен од слобода. По насоки од јавен обвинител, против В.И. ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело "предизвикување општа опасност" по член 288 од КЗ, се вели во соопштението од МВР. цр/нд/

Фото и видео: МВР 

Остани поврзан