Кралот на Холандија смета дека Европа треба заедно да го реши мигрантското прашање
- Би сакал да истакнам дека мигрантската криза со која се соочува Европа е нешто кое треба како Европа, заедно да го решиме. Кога говориме за границите на Европа, вашата граница е наша граница
Атина, 31 октомври 2022 (МИА) – Би сакал да истакнам дека мигрантската криза со која се соочува Европа е нешто кое треба како Европа, заедно да го решиме. Кога говориме за границите на Европа, вашата граница е наша граница и затоа, ова прашање треба да го решиме заедно, истакна кралот на Холандија Вилем- Александер на средбата со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на средбата двајцата се осврнаа на холандско – грчките односи, истакнувајќи дека двете земји ги поврзуваат долги врски на пријателство и важна историја: 70 години сојузници во НАТО и 40 години членки на ЕУ.
Грчката претседателка ја спомена и руската инвазија во Украина, која „јасно стави до знаење дека оспорувањето на суверенитетот на една држава и употребата на сила против нејзиниот територијален интегритет се едни од главните предизвици со кои се соочува Европа и светот“, потенцирајќи дека е особено е важно да се осуди ревизионизмот „од каде и да доаѓа“.
Додаде дека заедничката осуда од Европа на руската инвазија на Украина „ја покажа силата и единството што ѝ се потребни за да ги брани своите заеднички вредности и фундаментални принципи на меѓународното право“.
Кралот Вилем- Александер и кралицата Максима на Холандија од денеска се во тридневна официјална посета на Грција, а планирано е да остварат средби со градоначалникот на Атина Костас Бакојанис, со омбудсманите на Грција и Холандија, да го посетата Акропол, да учествуваат на тркалезна маса за насилството врз жените, да посетат средно училиште, прифатни центри за деца бегалци, како и детската онколошка клиника. ср/ссм/