• петок, 22 ноември 2024

Претседателот на Нигерија нареди ослободување на 29 деца од затвор откако беа обвинети за предавство

Претседателот на Нигерија нареди ослободување на 29 деца од затвор откако беа обвинети за предавство

Абуџа, 5 ноември 2024 (МИА) – Претседателот на Нигерија Бола Тинубу денеска нареди ослободување на 29 деца кои се во затвор заедно со други обвинети за предавство, поради наводно учество во протестите предизвикани од високите трошоци за живот.

Под зголемен притисок од активисти, Тинубу, исто така, нареди истрага за агентите за спроведување на законот вклучени во апсењето и гонењето на малолетниците, изјави нигерискиот министер за информации Мохамед Идрис.

Се очекува до утре децата да бидат ослободени со дозвола на судот, додека претходно им се закануваше смртна казна.

Децата, приведени од август, се меѓу повеќе од 70 лица кои во петокот беа обвинети за предавство, уништување имот и бунт по августовските протести кои ја потресоа земјата и кулминираа со убиства и апсења на демонстранти.

Четворица малолетници, на возраст од 14 до 17 години, колабирале од исцрпеност кога биле изведени на суд минатата недела, а повеќето од другите затвореници изгледале неухранети.

Локалниот суд постави строги услови и им одобри кауција на децата од по 10 милиони наири (5.900 долари), кои ниту едно од нив не можеше да ги плати.

Тие биле незаконски приведени и доживеале „страшни искуства“, според нигериската канцеларија на Амнести интернешенел, една од неколкуте групи за човекови права кои побараа ослободување на децата.

- Апсењето на децата ги истакнува значителните недостатоци во нашиот казненоправен систем, особено во системот за малолетничка правда, што укажува на системски прашања кои не ги штитат правата на малолетниците, изјави Функе Адеоје, основач на „Надеж зад решетки Африка“ (Hope Behind Bars Africa), непрофитна организација која води кампањи за нивните права. јт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан