Косовските партии можат да потрошат најмногу до два милиони евра на кампањата за идните избори
- Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) одлучи дека секој политички субјект, кој ќе биде сертификуван за учество на парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, за изборната кампања има право да потроши до два милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 26 август 2024 (МИА) – Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) одлучи дека секој политички субјект, кој ќе биде сертификуван за учество на парламентарните избори на 9 февруари 2025 година, за изборната кампања има право да потроши до два милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според одлуката на ЦИК, дозволената точна сума за максимални трошоци е два милиони 47 илјади 149 евра и таа е соодветна на бројот на гласачи запишани во прелиминарните избирачки списоци. Пресметката е направена врз основа на изборната регулатива за изборната кампања.
ЦИК донесе одлука и за формирање на комисија која ќе ги испитува жалбите на гласачите надвор од Косово.
Редовните парламентарни избори во Косово треба да се одржат на 9 февруари, а официјалната изборна кампања започнува на 11 јануари наредната година.иа/ссм/