• вторник, 03 декември 2024

Шест пакистански војници и шест исламистички борци загинаа во судир на границата со Авганистан

Шест пакистански војници и шест исламистички борци загинаа во судир на границата со Авганистан

Карачи, 5 октомври 2024 (МИА) - Најмалку шест пакистански војници и шест исламистички борци биле убиени во северозападен Пакистан, во близина на границата со Авганистан, пренесува ДПА повикувајќи се на изјави од пакистанската армија.

Интерсекторската служба за односи со јавност на армијата соопшти дека подполковникот кој ги предводел војниците, исто така загинал во синоќешната борба во провинцијата Хајбер-Пахтунхва.

Овој регион во минатото беше упориште на исламистичките борци поврзани со Ал Каеда и авганистанските талибани, забележува ДПА.

„Пакистанските безбедносни сили се одлучни да ја искоренат терористичката закана, а ваквите жртви од нашите храбри војници дополнително ја зацврстуваат нашата решеност“, се вели во соопштението на пакистанската армија.

Насилството во Пакистан, предизвикано од пакистанските талибанци, кои се различни од авганистанските талибанци, тројно се зголеми откако авганистанската исламистичка групација го презеде Кабул во 2021 година, забележува ДПА.

Министерството за внатрешни работи на Пакистан соопшти дека само во 2023 година 930 луѓе, главно припадници на безбедносните сили, загинале во терористички напади, а околу 2000 биле ранети.

Во текот на годините, околу 80.000 Пакистанци загинале како резултат на насилството предизвикано од пакистанските талибанци, кои се стремат да го соборат владата и да воведат строги исламски закони слични на оние во Авганистан. ссм/

фото: архива

Остани поврзан