• среда, 04 декември 2024

Курти бара НАТО да ја врати копнената безбедносна зона на границата меѓу Косово и Србија

Курти бара НАТО да ја врати копнената безбедносна зона на границата меѓу Косово и Србија

Приштина, 5 октомври 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти побара враќање на копнената безбедносна зона на периметар од пет километри долж границата на Косово со Србија, поради, според него, заканите со војска и артилерија што Србија ги упатува кон Косово во последните две години, јави дописникот на МИА од Приштина.

При обраќањето на Генералното собрание на Движењето самоопределување (ВВ), партија која тој ја води, Курти исто така побара на Србија да ѝ се прекинат бенифициите што ги добива од ЕУ, САД и Обединетото Кралство и Западот да ги санкционира сите оние кои ги штитат и соработуваат со терористите, како и лицата вклучени на црната листа.

Барањето за враќање на мерката за безбедносна зона, отстранета пред 23 години, тој го оправда со активностите на Србија за приближување на војската и артилерија до границата со Косово во последните две години.

„Откако во рок од две години Србија четири пати ја донесе својата војска на нашата граница, мора да се врати копнената безбедносна зона која НАТО ја нарекува ‘ground safety zone’, во ширина од 5 километри околу границата на Косово со Србија. Таа беше отстранета во август 2001 година, кога премиер беше Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен, а тоа се злоупотребува од режимот на Александар Вучиќ“, рече Курти.

Косовскиот премиер нагласи дека сегашното раководство во Србија останало агресивно, исто како и за време на војната.

Тој го обвини Белград дека не сака напредок во нормализацијата на односите со Косово, при што го спомена неспроведувањето на Бриселскиот договор и минатогодишниот терористички напад во Бањска, за кој рече дека главната цел му била да започне широк и долготраен конфликт.

„Затоа, демократскиот Запад, особено Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, ги повикуваме на Србија да ѝ ги условат сегашните бенифиции, не само идните од ЕУ, САД и Обединетото Кралство. Оние кои соработуваат со лица на црната листа на Балканот треба да бидат санкционирани од САД, ЕУ и Обединетото Кралство. Оние кои се членови на организациите „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“, криминалците што шетаат на слобода. Инаку црните листи не се ефективни“, рече Курти.

Организациите на косовскте Срби во северно Косово, „Цивилна одбрана“ и „Северна бригада“ беа прогласени за терористички организации од Владата на Косово во јуни минатата година. иа/ссм/

Остани поврзан