• понеделник, 01 јули 2024

Концерт на џез фестивалот „Нишвил“ вечер во рамките на Скопско лето

Концерт на џез фестивалот „Нишвил“ вечер во рамките на Скопско лето

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Во рамките на Скопско лето, вечер во Куршумли Ан во Скопје, во соработка со ПолиФониа, ќе се одржи концерт на џез фестивалот „Нишвил“ од Србија. Ќе настапат „Моба трио“, Нишвил „Ромајам“ оркестар и ди-џеј Лоптица.

Според амбасадорката на Србија во земјава, Невена Јовановиќ, преку настапот на овој „Нишвил“ џез фестивалот во Скопје, уште еднаш се потврдува добрата билатерална соработка која постои меѓу двете земји.

-Среќни сме што на овој начин ја потврдуваме уште еднаш добрата билатерална соработка која постои меѓу двете земји. Уметноста е таа која ги поврзува двете земји и вечер ќе имаме можност преку реномирани уметници од Србија, поточно преку претставниците од „Нишвил“ фестивалот, уште еднаш да покажеме колку се блиски култури и традициите и на двата народа, рече Јовановиќ на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека Србија целосно е посветена да глади пријателска соработка со Северна Македонија и се надева дека во иднина таа ќе се интензивира.

-Се надевам дека вечер ќе присустувате на концертот и ќе уживате во маестралната изведба. Да нагласам дека Србија е во потполност посветена да гради пријателска соработка и меѓусебна доверба со Северна Македонија и се надевам дека соработката ќе ја зајакнеме и интензивираме во сите области, а културата е една од најзначајните, додаде амбасадорката.

Директорот на „Нишвил“ фестивалот Иван Благојевиќ на прес-конференцијата информираше дека на програмата ќе биде композицијата на Шабан Бајрамовиќ, со оглед на тоа што покрај класичен, публиката ќе има можност да слушне и етно џез музика.

-Се надевам дека ќе стане традиција да гостуваме секоја година во Скопје, бидејќи блискоста и поврзаноста меѓу двата народи е многу важна за „Нишвил“ фестивалот. Секако, најмногу посетители на нашите настапи имаме од Македонија и Бугарија. Се надевам дека публиката ќе ужива во богатата програма, ја започнуваме програмата со композицијата на Шабан Бајрамовиќ со оглед на тоа што вечер покрај класичен џез ќе има и етно џез, а Шабан Бајрамовиќ на некој начин е заштитник на Ниш, рече Благојевиќ.

Пијанистот на групата „Моба трио“ Миша Павловиќ посочи дека ова го прават најмногу од љубовта кон класичен џез, свират композиции од минатата година, а во тек е и снимање на нивниот албум.

-„Нишвил“ е благодет на Ниш, но и на целата Србија, благодарение на големата група на ентузијасти, професионалци на чело со Благојевич. Денес Ниш живее само за „Нишвил“. Ги повикувам луѓето од Македонија во што поголем број да дојдат вечер на концертот на „Нишвил“ фестивалот, додаде Павловиќ.

Вокалната солистка на Нишвил „Ромајам“ оркестарот, Злата Маринковиќ посочи оти е драго што е дел од овој проект и што има можност да ја доловат ромската но и етно џез музиката.

-Драго ми е што вечер ќе имам можност да настапам со талентирани музичари. Нашиот репертоар се состои од етно џез и џејси џез и одредени жанрови, на луѓето им се допаѓа ваков вид на музика и се надевам дека ќе уживаат вечер во концертот, рече Маринковиќ на прес-конференцијата. бт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан