• среда, 18 декември 2024

Предавање на Изабел Лорај во Чифте амам

Предавање на Изабел Лорај во Чифте амам

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - Во рамки на програмата на КРИК 09 – Фестивал за критичка култура, вечерва во Чифте амам во Скопје предавање ќе одржи политичката теоретичарка Изабел Лорај.

Како што соопштија организаторите на Фестивалот, таа ќе одржи предавање насловено како „Презентистичка демократија: Практика на грижа и квир долг“, во кое ќе се тематизираат сегашните практики и потенцијали на општествената грижа, коишто можат да бидат основа за моделот на демократија во сегашноста.

-После предавањето на англиски јазик, во разговор со Артан Садику, ќе ги дискутираме прашањата: Како да се ослободиме од позицијата на субјективитетот на долгот што ни го наметнува сегашниот систем? И како да се организира дисперзирана социјализирана грижа за да се бориме против временската оскудица на сегашноста, велат организаторите.

Изабел Лорај е политичка теоретичарка и професорка по квир студии на Академијата за медиумски уметности (KHM) во Келн и работи за transversal texts (transversal.at), платформата за издаваштво на Европскиот институт за прогресивни културни политики (eipcp). Авторка е на неколку книги, меѓу кои „Состојба на несигурност: Влада на несигурните“, „Демократија во политичката сегашност: Квир-феминистичка теорија“. 

Фестивалот КРИК 09, годинава се одржува со тематската рамка „Желбени машини - уметноста како (ре)волуција“.

Фестивалот е финансиски поддржан од Гете Институт, Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија. бт/бак/

Фото: плакат

Остани поврзан