Концерт на Мандолинскиот квартет на Македонското културно друштво „Стоби“ од Сплит во Музејот на македонската борба за самостојност
- Мандолинскиот квартет при Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, Хрватска вчеравечер во Тетово ја почна турнејата низ Македонија со повеќе концерти. Тетовската публика имаше можност да слушне изведби на младите мандолинисти, кои исполнија македонски и хрватски песни со две мандолини, мандола и мандолончело.
Тетово, 9 ноември 2025 (МИА) – Мандолинскиот квартет при Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, Хрватска денеска од 18 часот ќе настапат во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје .
Со нстапот во Тетово квартетот вчеравечер ја почна концертната турнеја низ Македонија. Тетовската публика имаше можност да слушне изведби на младите мандолинисти, кои исполнија македонски и хрватски песни со две мандолини, мандола и мандолончело.

Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, постои веќе седум години и активно работи од 2018 година. Мандолинскиот квартет го води Ивана Кенк-Калебиќ, професорката од Музичката академија во Сплит.
-Нашето друштво се формираше најмногу поради групата музичари, кои тогаш ги викавме „Клинци Мандолинци“ сега се веќе мандолински квартет, пораснаа станаа сериозни луѓе и се занимаваат со македонска и далматинско-хрватска музика. Се трудиме, благодарејќи на средствата од Владата на Република Хрватска на Советот на национални малцинства, на Далматинска жупанија, Град Сплит и сите да ги задржиме нашите национани корени на начин да ги собереме и помладите и децата, да присуствуваат на предавања, на вежби, свирки, дружења, кога има македонски празници, изјави Ангел Митревски, претседател на Македонското културно здружение „Стоби“.

Помеѓу изведбите на десетината песни, на настанот во Тетово се прочитаа дел од поетските творби во книгите „Блесокот на една светлина“ од Дарко Соколов и „Тивкиот светилник“ од авторката Наташа Боцевска, кои се објавени двојазично и на македонски и на хрватски јазик. Двајцата се Македонци кои живеат во Хрватска, а Боцевска е една од основачите на МКД „Стоби“.
Организатор на настапот на мандолинскиот квартет е Македонско-хрватското друштво од Тетово. ас/вг/
фото МИА