• петок, 28 јуни 2024

Конференција „Мерки за енергетска ефикасност како одговор на енергетската криза и зголемена конкурентност“

Конференција „Мерки за енергетска ефикасност како одговор на енергетската криза и зголемена конкурентност“

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Во Скопје денеска се одржа конференција насловена  „Мерки за енергетска ефикасност како одговор на енергетската криза и зголемена конкурентност“, во организација на Центарот за климатски промени (ЦКП).

- Целта на настанот беше да ги поврзе креаторите на политики, националните и локалните власти, финансиските институции, деловни здруженија, компаниите, како и други клучни чинители да дискутираат за креирање и спроведување поефективни политики за енергетска ефикасност за компаниите. Од дискусиите произлезе заклучокот дека е неизбежно да се работи на зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и поголема енергетска ефикасност, пишува во соопштението.

На настанот се обратил Кристофер Доџ, директор за економски раст при УСАИД - Северна Македонија, кој напоменал дека со фокусирање на енергетската ефикасност, бизнисите можат позитивно да влијаат на тројните крајни резултати -  луѓето, планетата, профитот. 

- Покрај намалувањето на трошоци за одржување на вашиот бизнис, енергетската ефикасност може да привлече општествено одговорни потрошувачи и клиенти. Инвестициите може да ја направат вашата компанија попожелно место за работа. Одлуката за инвестирање, исто така, ќе ги ублажи влијанијата на кризата, придонесувајќи за почиста животна средина, се наведува во изјавата на Доџ. 

Претседателката на ЦКП, Бојана Станојевска Пецуровска потсетила дека нашата држава е една од земјите потписнички на Парискиот договор, со што се обврзала да работи на постојано намалување на емисиите на стакленички гасови, со цел да се придружи на глобалните напори за ограничување на глобалното затоплување. 

- Со цел да го постигнеме тоа, неизбежно е да работиме на зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и поголема енергетска ефикасност. Уште поголемо намалување на емисиите на стакленички гасови, можеме да обезбедиме ако ја подобриме енергетската ефикасност во малите и средни претпријатија што се основата на македонската економија, пишува во писмената изјава на Станојевска Пецуровска. 

Во рамките на настанот биле одржани три панел-дискусии, каде се претставиле политиките и програмите за енергетска ефикасност што моментално постојат и се достапни за користење од ММСП. Исто така, дискутирано било и како може да се зголемат инвестициите во мерките за енергетска ефикасност кај ММСП, а притоа да придонесат и за намалување на трошоците за производство и зголемување на конкурентноста на пазарот. 

- Настанот беше затворен со третата панел-дискусија на која претставници од различни финансиски институции, презентираа финансиски инструменти кои им се достапни на микро, малите и средни претпријатија за зајакнување на енергетската ефикасност. Конференцијата се реализира во рамки на иницијативата „Зголемување на отпорноста преку намалување на трошоците за енергија за намалување на ефектите од енергетската криза и за подобрување на деловните услуги“ која ја спроведува Центарот за климатски промени, а е дел од проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, финансиран од УСАИД, а спроведуван од Консалтинг за Стратешки развој (КСР), се додава во соопштението.

Извршната директорка на КСР, Кристина Хаџи-Василева, истакнала дека во рамките на овој проект, Консалтингот работи на зајакнување на капацитетите и поддршка на организациите кои работат со микро, малите и средните компании.  

- Со тоа, придонесуваме за зголемување на отпорноста на кризи и подобро управување, поефикасно искористување на енергијата и зелена трансформација на ММСП, се додава во изјавата на Хаџи-Василева. бд/дма/

Фото: Соопштение

Остани поврзан