• петок, 26 април 2024

Ковачевски од Демир Капија: СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата

Ковачевски од Демир Капија: СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата

Демир Капија, 18 април 2024 (МИА) - СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата, наспроти ВМРО - ДПМНЕ кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на предизборниот митинг во Демир Капија.

- Нашите идеи се прогресивни, со јасна визија за европска иднина на државата за што имаме голема поддршка од нашите пријатели од ЕУ. Гарантираме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, истакна Ковачевски. 

Тој нагласи дека минималната плата е зголемена за три пати во однос на 2016 година, просечната плата е зголемена двојно во однос на 2016 година, но сега, додаде, доаѓаат подобри времиња. 

- Гарантирана плата за младите и грантови за отпочнување нов бизнис, затоа што сакаме младите да си ја градат својата иднина дома. Гарантираме подобри услови и плати за здравствените работници и целосно бесплатно јавно здравство. Ветуваме подобар и поправеден систем за сите, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и конечно со спроведување на процесот на ветинг на судиите и јавните обвинители. Ова е нашата визија и нашата програма за граѓаните и државата, рече Ковачевски.

За  пензионерите, порача дека обезбедуваат просечна пензија од 30.000 денари и минимална пензија од 20.000 денари. Тој  нагласи дека пензиите денеска, во однос на 2016 година, се зголемени за 55 отсто и ќе продолжат да растат.

- Јас ветувам дека ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија. Не се откажавме досега, нема да се откажеме ниту отсега. Ние не се откажуваме од иднината, порача Ковачевски. 

Носителот на листата за пратеници во четвртата изборна единица, доктор Венко Филипче рече дека нивната понуда е јасна и искрена, додека, како што нагласи, понудата на ВМРО - ДПМНЕ е дестабилизација и застој. 

- Ние со дигната глава можеме да кажеме дека СДСМ водеше исправни политики во интерес на сите граѓани во услови на светска дестабилизација. Наспроти државничката улога на СДСМ, стои ВМРО-ДПМНЕ, чија улога е да го блокира општеството и државата, подвлече Филипче. 

Тој рече дека пред нас се избори на кои граѓаните бираат помеѓу два многу различни концепти. 

- Едниот е нашиот, кој гарантира зачувување на мирот, стабилноста и интегрирање во Европа. Нашата порака е јасна и искрена. СДСМ го нуди патот на развојот и сигурноста. Од друга страна е концептот на ВМРО-ДПМНЕ, што се заснова на дестабилизација, застој, блокади и доведување во прашање на она што е постигнато. Нивната понуда е неискрена, нејасна и опасна за иднината на земјата, порача  Филипче.

Тој истакна дека ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ е резултат на нивната стратегија, чија цел, како што додаде,  не е напредокот, туку назадувањето, не е мирот, туку конфликтот. 

- Не е градењето пријателства, туку создавање внатрешни и надворешни непријатели, амбиент кој го создава ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е амбиентот кој ќе биде секојдневие ако победат на изборите. Знаат да пливаат во политиката само ако разговараме за поделби, за етнички конфликти, за лажен патриотизам, истакна Филипче.

Тој повика на масовно обединување кое, како што рече,  значи само подобра иднина и сигурен пат напред. свд/мч/

фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан