Кипарското прашање во фокусот на средбата Гутереш – Мицотакис
- Кипарското прашање и приоритетите на Грција за време на двогодишниот мандат како непостојана членка на Советот за безбедност, биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 27 септември 2024 (МИА) – Кипарското прашање и приоритетите на Грција за време на двогодишниот мандат како непостојана членка на Советот за безбедност биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на Мицотакис информираа дека грчкиот премиер истакнал дека „Грција сака да биде мост меѓу југот и северот, западот и истокот, бидејќи е земја членка на Европската унија, на НАТО, а во исто време разговара и со земјите од глобалниот југ“.
За кипарското прашање, Мицотакис нагласил дека „треба да се искористи секоја можност за решение врз основа на одлуките на Советот за безбедност на ОН“.
Средбата со Гутереш беше пред обраќањето на Мицотакис на Генералното собрание на Обединетите нации во кое говореше за ситуацијата на Блискиот исток, за војната во Украина, но и за односите со Турција.
Тој објасни дека во изминатата година шест пати се сретна со турскиот претседател, потсети дека во декември ја потпишаа Атинската декларација, посочи дека ќе продолжат да бараат начини за подобрување на билатералните односи со Турција, бидејќи „има простор за понатамошна соработка за справување со заедничките предизвици, како што се климатските промени и миграцијата“, но истакна и дека одржуваат отворени канали на комуникација „за деескалација на секоја тензија што би можела да се појави“.
- Грција е подготвена да работи на решавање на единственото отворено прашање со својот сосед: одредување на континенталниот гребен и Ексклузивната економска зона во Егејското Море и Источниот Медитеран. Овој спор не можеме да го решиме повеќе од 40 години, но тоа не значи дека е осуден да остане нерешен. Со задоволство го слушнав претседателот Ердоган како вели дека разграничувањето на морските зони според меѓународното право е во заеднички интерес на целиот регион на Источен Медитеран. Убеден сум дека денес имаме прозорец на можности и треба да бидеме доволно храбри и мудри за да ја искористиме оваа можност, истакна Мицотакис.
Тој се осврна и на кипарското прашање и грчките позиции, а говореше и за ЕУ перспективата на Западен Балкан посочувајќи дека меѓународните договори, без разлика дали е Преспа, Дејтон или Договорот Белград – Приштина мора да се почитуваат и имплементираат. ср/паг/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер