• вторник, 05 ноември 2024

Катастарот со над 1800 професионални корисници, се работи на нови регистри и услуги

Катастарот со над 1800 професионални корисници, се работи на нови регистри и услуги
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Со над 1800 професионални корисници, Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) денес преставува модерен и современ регистар на кој се темелат сите имотно-правни односи поврзани со недвижностите, беше истакнато на отворањето на меѓународната конференција што се одржува денеска и утре во организација на АКН по повод јубилеите „95 години геодетски премер и 75 години Геодетска управа“. Предизвик за наредниот период во областа ќе биде реализацијата на основната нулта геодетска мрежа, како основа за да се спроведе студијата за воспоставување нови референтни државни системи, а во областа на образованието воспоставување докторски студии по геодезија. Значајна тема на која се работи се регистрите и управувањето со процесите за дигитални просторни податоци. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во обраќање на конференцијата истакна дека Агенцијата за катастар на недвижности не е само место каде технички се обработуваат податоци и се прават мапи, туку е алатка која на сите ни овозможува раст и развој. - Оваа институција која е влезена длабоко во сферата на дигитализацијата со која успешно се справува, сметам дека е новиот двигател на растот и развојот на нашата земја. Дигитализацијата и податоците со кои располагаме имаат вредност само ако правилно се употребуваат и се вкрстат соодветно, рече Битиќи. Со Националниот геопортал на просторни податоци што беше промовиран пред една година, како што посочи вицепремиерот, со само еден клик, на граѓаните,  бизнисите и на државните институции,  им се овозможува пристап до мноштво геопросторни податоци со што значително се олеснува и забрзува секој процес. - Порталот ќе го подобри квалитетот на изворите на просторните податоци што ќе значат многу помалку конфликти помеѓу изворите на податоци во смисла на ажурност и комплетност за да се сме сигурни дека се постојано обновени. Ова ја носи Агенцијата за катастар се поблиску до европските стандарди до кои се сите ние се стремиме да се приближиме, рече Битиќи, посочувајќи дека постигнувањата на АКН во изминатите години се далеку пред одредени други агенции од нашата земја на патот за приближување до Европската унија. Битиќи укажа и дека со законот за премер, катастар на недвижности и регистри и со законот за геодетска дејност, што се во консултативен процес, ќе се подобри квалитетот на запишаните податоци во катастарот. Со тоа, ќе се обезбеди унифицираност на постапките, како и воведување нови регистри и развој на нови производи и услуги за сите институции, граѓаните и стопанството. Со ова Агенцијата за катастар ја продолжува својата модернизација која ќе биде во служба на граѓаните и институциите во својот полн капацитет. Останува на сите нас, без разлика на кои позиции сме, дали на централна, локална, дали во стопанство или како граѓани да конечно почнеме разумно да ги користиме податоците за една единствена цел - одржлив развој, порача вицепремиерот за економски прашања. Директорот на АКН, Борис Тунџев, пак, посочи дека Агенцијата овозможува сигурен и ефикасен пристап до дигиталните податоци од Геодетско катастарско информациониот систем (ГКИС) преку е-сервиси. Исто така, работи на воспоставување на Регистарот на улици и куќни броеви и Регистарот на градежно земјиште, создава услови за воспоставување на системот за масовна проценка и  ја воспоставува и одржува геодетската инфраструктура по меѓународни стандарди и обезбедува јавен пристап до податоците од Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП). Според Тунџев, АКН создала услови за поголема ажурност и сигурност при запишувањето на промените во катастарот на недвижности. - Имаме над 1800 професионални корисници. Работиме во функција на поддршка на развојот на бизнисот и економијата, што може да се види со фактите дека ги поедноставивме процедурите, а рокот за запишување се скрати од месец и повеќе, на еден до три дена. Катастарските податоци се достапни на интернет. Овозможен е директен пристап до податоците од катастарот на недвижности за нотарите, приватните геодети, општините, останатите државни институции, итн. Овозможено е електронско поднесување на пријавите за запишување на промени за трансакции на имот и на имотен лист, копија од катастарски план, итн, рече Тунџев. Почетоците на геодетските премери во државава се бележат од пред 95 години, а по тој повод АКН изложи музејска постановка со сведоштва за нејзината работа од 1927 година, па до денес. Геодетска управа на Народна Република Македонија што беше формирана во 1947 година понеколку законски трансформации низ годините, со новиот Закон за катастар на недвижности од 2008 година, функционира како Агенција за катастар на недвижности. лв/сп/

Остани поврзан