• понеделник, 23 декември 2024

Каква е реакцијата на поп ѕвездите при избивање војна

Каква е реакцијата на поп ѕвездите при избивање војна
11 Септември 2022 Би-би-си Од евровизиски ѕвезди до „меме поп“ (мим поп) на генерацијата Зет, музичарите се одлучни да направат разлика во Украина, со многумина од нив внесувајќи традиционални фолк елементи во нивната музика. Џејмс Џексон разговараше со ѕвезди кои на свој начин придонесуваат околу воените напори. Годинашните победници на музичкиот натпревар Евровизија, „Калуш Оркестра“ од Украина, едвај најдоа време за вежбање на нивниот настап, што вклучуваше акробатски брејкденс во традиционални Вишиванка носии. Наместо тоа, неделите пред настанот тие ги поминаа служејќи во украинските територијални одбранбени сили. Нивната песна „Стефанија“, комбинација од хип-хоп и украинска фолк инструментација, е првата рап и единствената песна целосно на украински јазик што победила некогаш на натпреварот. Станува збор за искажување љубов кон мајката на главниот пејач. Во песната има звуци на два традиционални украински дувачки инструмента, сопилка и теленка. За многумина меѓународни слушатели, првата средба со украинската музика е преку Евровизија, каде традиционалното измешано со модерното и впечатливиот сценски настап, често поминуваат добро кај публиката. Сите украински победници на Евровизија внесоа традиционални музички елементи во приказните од бурната историја на земјата, а во исто време останувајќи актуелни. Победничката песна во 2016, „1944“ во изведба на Џамала, ја раскажа приказната за депортацијата од страна на Сталин на Кримските Татари од Крим во Сибир, со рефрен на кримско-татарски јазик, приказна што доби нова важност за Украинците кога Русија го анектираше Крим во 2014 година. Песната што победи на натпреварот во 2004 година, „Вајлд денсес“ на Руслана, имаше вклучено трембита од рогови од планините Карпатите, играјќи си со стереотипите во земјата за „дивите жени“ со носење алишта од животни. - Евровизија е голема работа во Украина, Украинците отсекогаш биле големи фанови на натпреварот, смета Дарцја Тарковска, ко-основач на „Мјузик експорт Јукреин“, организација што ги промовира украинските музичари во странство. Им обезбеди големо поттурнување на претходните победници како Руслана и Џамала, но и на песни што не победија, како на пример песната од 2021 година, впечатливата, транс инспирирана „Шум“ од „Го_А“. Поп и фолк музиката отсекогаш се близу во Украина - поп музиката секогаш го вклучува нашиот фолк идентитет - Тина Карол Тина Карол, поранешна учесничка на Евровизија, која моментално има турнеја низ Европа со цел да собере средства за Украина, за Би-би-си Култура истакна дека „Евровизијата е многу важна затоа што ние можеме да ги претставиме нашите земја и култура, нашиот звук“. - Годинава за нас беше многу емотивно да се победи. Сите наши победи ни дадоа надеж дека ќе ја победиме војната, додаде Карол. Опишувајќи ја годинашната победничка песна, „Стефанија“, како „многу интересна“, таа додаде оти „поп и фолк музиката отсекогаш се близу во Украина. Поп музиката секогаш го вклучува нашиот фолк идентитет. Ние имаме различни мелодии и инструменти од други земји - различни размери за гласот, што нè прави нас многу уникатни“. - Откако почна војната, сите се уште повеќе горди што се Украинци и користат само украински јазик и фолк мелодии. Станува сè помодерно, ново и популарно. Ние сакаме да покажеме колку пријатни се нашите гласови и мелодии. Навистина сум горда на нашите музичари. Сигурна сум дека во иднина само украински песни ќе постојат во нашата земја, без руски песни, изјави Карол во телефонскиот разговор за Би-би-си Култура. Таа неодамна соработуваше со Џери Хејл, „меме поп“ сензација на генерацијата Зет или со други зборови, поп пејачка која стана позната со инкорпорирање фрагменти од познати мемиња од ТикТок и други социјални мрежи во нејзината музика и видеа. Хејл ја почна кариерата на социјалните мрежи и ја разбира моќта на интернетот, не само во поддржување на Украина меѓународно, туку и во одржување на моралот дома. Фановите на Хејл се согласуваат. На ЈуТјуб може да се забележат коментари од типот „Јас моментално им служам на вооружените сили. Ти благодарам за песната, од срце“. Многу од нејзините песни за почетна фотографија на ЈуТјуб го имаат синото и жолто знаме на Украина со текст што укажува на острата реалност на војната. Дефинитивно има сестринство - каде и да патувам, гледам жени како се држат заедно и создаваат нешто - Џери Хејл Родена како Јана Шемаева, 26-годишната Џери Хејл сака украинската музика да добие меѓународна популарност на ист начин како што тоа се случи со латино музиката. - Цврсто верувам дека украинската музика е следниот глобален тренд, подвлече таа. Додека зборуваше со медиумот, Џери беше во Берлин за да предводи настан за Иван Купала, словенска летна краткоденица. Верна на формата, таа објави вирална песна „#Купала“, брза и заразна рап-поп комбинација од украинска фолк песна со честата соработничка, украинската раперка Алиона Алиона. Потоа следуваше колаборативно Еј-пи, „Даи Бох“, со украински фолк песни, со пејачи низ Европа. Иако традиционално на Иван Купала во Украина луѓето прославуваат со ритуалско скокање преку оган, Џери со своето фалсето предводи група од украински жени, бегалки, во Берлин во мрачен молитвен круг во Капелата на помирувањето. Таа патува насекаде низ Европа со цел да запознае украински бегалки и да собере средства за да помогне во обновата на нивната земја. - Дефинитивно има сестринство - каде и да патувам, гледам жени како се држат заедно и создаваат нешто. Тие веќе создаваат нови компании за да им помогнат на други украински жени. Кога тие ќе се вратат, ќе го донесат ова новооткриено искуство назад со нив, појасни таа. Културно поместување По војната, песните на Хејл станаа пополитички. „Мрија“ е разбудувачка пијано балада со оперски хармонии за најголемиот авион во светот, „Ан-225 Мрија“, што, како што изјави украинскиот министер за надворешни работи, беше уништен од руските војници во клучната битка за аеродромот Антонов во близина на Киев. - Сфатив дека е силна метафора. Затоа што тие можат да го уништат авионот, но, не можат да го уништат сонот или да ја уништат нашата волја, појасни пејачката. Тоа е далеку од времето кога Хејл стана позната. - Се чувствувам како да сум остарела 20 години откако почна војната, тврди таа. Таа прво се појави на ЈуТјуб, па учествуваше на „Х Фактор Украина“, но тоа што ја подигна беше објавувањето на заразната песна „Окрана Отмјена“ или чувај, откажи, фраза употребувана при враќање на нешто купено, а во стиховите искористена за момче кое не вреди. Фразата веќе беше добро позната шега во Украина. Според гледиштето на Тарковска, се работи за чувството за виралност заедно со нејзината новооткриена зрелост што ја прави Хејл „една од клучните поп ѕвезди во подем. Таа бара поттикнувачки зборови, ги следи мемињата, прави песни од тоа. Нејзините песни главно се многу заразни и брзи и додека да ги објави, луѓето веќе ја знаат фразата затоа што таа ги зема од мемиња или чести теми или објавува клипови на интернет. Сега со војната, нејзините песни се многу потажни, но, идејата останува иста“. Нејзиниот пик откако почна војната е совршен пример за ова, беспрекорно мешање рап и поп и искористување дел од познат клип од украинската драг кралица, Верка Сердучка. Новата песна на Хејл, „Несестри“, е напишана од Ванјок Клименко, продуцент кој има работено со „Калуш Оркестра“ и Алиона Алиона, меѓу другите. Интерпретација на традиционална украинска балада во наративен стил, песната исто така вклучува вокали од мајката на пејачката. - Сметав дека може да биде моќно заедно. Мајка и ќерка, две генерации со еден сон, наведе Хејл. Оваа глобализирана, транс-културна поместувачка музика е уникатна и го направи украинскиот културен живот многу интересен и иновативен - Кристијан Диемер Иако Хејл главно само зема делчиња и пее традиционални хармонии, не е невообичаено за поп музичарите во Украина да имаат во состав два, или повеќе, инструменти наизменично како етномузиколози, посетувајќи оддалечени региони за да снимаат традиционална фолк музика што ќе се вклопи со модерни песни, како што Руслана го направи тоа за „Вајлд денсес“. Оваа етномузикологија беше забранета во времето на Советскиот Сојуз, кој сакаше да ја поттисне украинската фолк култура, одејќи толку далеку до прогонство и убиство на фолк музичари. Етномузикологот Марија Соневитски за Њујорк тајмс изјави дека до 1930-те, режимот на Сталин извршил масовни егзекуции на свирачи на украинскиот фолк инструмент бандура низ целата земја. По колапсот на Советскиот Сојуз, ова соединување на традиционалната и модерната музика во Украина се зголеми, особено кај „ДакаБракам“, еквивалент на германскиот бенд „Рамштајн“, според Кристијан Диемер, музиколог кој ја истражува фолк музиката и украинскиот национален идентитет. Тој го гледа овој горд микс од историски фолк и модерна космополитска музика како еден од главните културни елементи што го разликуваат од Русија. - Овие бендови, тие се трудат да го пронајдат ова традиционално културно наследство. Тие се активни како истражувачите и одат во села, снимаат автентични песни од постари лица додека се пејат во тие региони. Ќе се вратат и ќе го спојат тоа со попопуларни и глобализирани стилови. Тие користат стилови како рап или рок, но, тоа што излегува на крај е доста иновативно и баш напредно. Оди подалеку од само користење на нешто. Тие иновираат нешто ново, а сепак навистина автентично. Се работи за урбани хипстери наспроти селани. Тие обично не би се сретнале, но го прават тоа преку музиката. Ова глобализирано, транс-културно музичко преминување е уникатно, се појави во изминатите 10-15 години и го направи украинскиот културен живот многу интересен и иновативен. Справување со традицијата и идентитетот, тоа е прогресивно, современо, авангардно, раскажа тој за Би-би-си Култура. Иако во минатото доминираше музиката на руски јазик и поп музичарите беа повикувани да пејат на руски за да допрат до пошироката публика, во 2019 година се донесе закон што го направи украинскиот единствен официјален јазик, а вклучуваше и дел за украинска музика на радио. Една анализа покажа дека значително се зголеми процентот на украинска музика на радио од 2016, достигнувајќи до 65 отсто во западниот регион на Лавов на украински јазик во 2020 година. Според Диемер, ова културно зачувување е клучен метод за отпор на рускиот империјализам. - Целта на војната е да се уништи сето ова. Русија сака да уништи секаков поим за украинскиот културен идентитет, како и националниот исто така. Културата игра важна улога – руското раководство го кажува ова сосем експлицитно. Тие ја користат културата како алатка за да го достигнат тој крај - со уништување музеи, етнографски колекции и со убивање на носители на културата и „русификација“ на луѓето под окупација. Тоа е во сржта на руската агенда, смета Диемер. Украинскиот одговор има смисла. Дали е изразено во фолк музиката, историски згради, театар, или нешто друго, украинската култура ја покажува различноста на земјата од Русија. Џери Хејл се согласува и го гледа тоа како нејзина мисија да ја шири украинската култура надвор од границите на земјата. - Се мачиме за нашата култура долго време и чудо е што оваа култура преживеа. Доколку е толку силна, тогаш ние треба да му го покажеме тоа на светот, заклучи таа. бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан