МИА на Галилејско Море - крстосница на вековите, сведок за чудата на Исус, симбол на верата и надежта
- Исклучително значајно, не само географски, туку и религиски, Галилејското море е неповторливо доживување. Едни го нарекуваат жив споменик на древниот, антички свет, а други - лулка на животот и духовноста во која се испреплетуваат библиските приказни, еколошките предизвици и современиот живот. За трети е едноставно бисер на Блискиот Исток што не смее да се пропушти.
Скопје, 2 декември 2025 (МИА)
Мирјана ЧАКАРОВА
Кога (учениците) веслаа околу три или четири милји, го видоа Исус како се приближува кон чамецот, одејќи по водата. И се исплашија. Но, тој им рече: „Не плашете се, јас сум.“
Овој цитат од Библијата е запишан на една од ознаките во Капернаум (Градот на Исус, денес важно археолошко наоѓалиште и многу значајно христијанско светилиште) која води кон Галилејското море, а раскажува фрагмент од Исусовите чуда што се случувале додека тој престојувал и делувал тука.

Исклучително значајно, не само географски, туку и религиски, Галилејското море е неповторливо доживување. Едни го нарекуваат жив споменик на древниот, антички свет, а други - лулка на животот и духовноста во која се испреплетуваат библиските приказни, еколошките предизвици и современиот живот. За трети е едноставно бисер на Блискиот Исток што не смее да се пропушти.

Оваа мирна оаза која постојано привлекува туристи и аџии, се вбројува меѓу највпечатливите места во историјата на човештвото.
Наречено по областа Галилеја, Галилејското море е познато и како Кинерет (на хебрејски, веројатно според неговата форма во вид на кинор - харфа). Некаде се среќава и под името Тибериско Езеро (според градот Херод Антипас изграден за римскиот император Тибериј) или Генезаретско Езеро (грчка верзија од Кинерет).

Сe наоѓа во североисточен Израел, сместено во длабока депресија, на околу 209 - 212 метри под морското ниво, што го прави второ најниско езеро во светот, по Мртвото Море. Максималната длабочина му е 43 - 48 метри.
Главен извор и најголема притока на Галилејското Море е реката Јордан која се влева во него од север, но од него и извира на јужната страна, продолжувајќи го својот тек кон југ, каде што на крајот се влева во Мртвото Море.

Ако го посетите Капернаум, веднаш кога ќе поминете низ „капијата“, од десната страна ќе ја забележите навидум огромната водена површина – толку бистра што сонцето буквално се огледува во неа. Како што се доближувате, така хоризонтот пред вас се отвора. Ве пленат прекрасните пејсажи, а Галилејското море како да повикува да дојдете до него и да го допрете. За да се спуштите, треба да бидете доволно ентузијасти и да ги поминете крупните камења, кои ја надополнуваат глетката - даваат целина и ја заокружуваат сликата.

Мир, убавина, тишина - тука чувствувате нешто посебно, дури и ако не сте религиозни. Моментот кога ја ставате раката во водата на Галилејското море, ќе ви остане врежан во меморијата за цел живот.
Погледот на Галилејското Море од Капернаум е многу живописен. Капернаум се наоѓа на северозападниот брег, што значи дека езерото се протега пред вас со целата своја ширина. Планините што го опкружуваат, особено оние на источниот брег, се чини дека се издигнуваат директно од водата. Воодушевуваат и околните зелени ридови.

Пред влезот на „платформата“ уредена за туристите, кои се фотографираат, одмораат, релаксираат и уживаат, се наоѓа и бистата на Петар, еден од првите апостоли на Исус.
Во „кругот“ на Капернаум, од левата страна, спроти погледот на Галилејското Море, се забележуваат урнатините (остатоците) од „Белата синагога“ од 4 век, која се смета за една од најстарите во светот. Се верува дека е изградена на местото на поранешната синагога каде што проповедал Исус Христос.

Токму во оригиналната синагога од базалт, се смета дека Исус проповедал и извршил многу чуда, вклучувајќи го лекувањето на опседнатите и држењето на својот говор за Лебот на животот.

Синагогата е изградена од четири единици: сала за молитва, источен двор, јужен трем и странична, споредна соба во близина на северозападниот агол од салата за молитва. Под монументалната синагога е пронајден ѕид од базалтен камен, кој ископувачите го толкуваат како остатоци од поранешна синагога, или од времето на Исус или од подоцнежен датум. Под страничните патеки на молитвената сала и во дворот, се пронајдени неколку остатоци од куќи со грнчарија од хеленистичкиот и римскиот период.

Централно место во „дворот“ на Капернаум зазема Куќата на Свети Петар. Всушност, ископани се остатоците од она што се верува дека е куќата на апостолот Петар, каде што Исус можеби престојувал и правел чуда.

Над тие урнатини е изградена модерна црква (Спомен-црквата Свети Петар) во облик на осмоаголник (октагон) која изгледа како да „лебди“ над оригиналните остатоци, со стаклен под што им овозможува на посетителите да ги видат урнатините подолу.

Целиот локалитет содржи и други урнатини од древно рибарско село и од римска тврдина, што го прави фасцинантно место за проучување на историјата и Библијата.
Покрај Капернаум (едно од најважните места во Новиот завет кое било, всушност, база на делувањето на Исус во Галилеја), на брегот на Галилејското море се уште и Тиберијада (најголемиот град, основан во 20 година од н.е., именуван по римскиот император Тибериј), како и Магдала (местото од каде потекнува Марија Магдалена). Но, тука е и Ен Гев, големиот и познат кибуц (колективна населба) на источниот брег, познат по риболов и туризам.

Библиско значење на Галилејското Море
Галилејското Море има огромно библиско и духовно значење, особено во христијанството, бидејќи голем дел од делувањето на Исус се одвивал токму на неговите брегови и води. Тоа е едно од најсветите и најчесто спомнуваните места во Новиот завет.
-Повикот на апостолите
Галилејското Море е местото каде што Исус ги поканил своите први ученици да му се придружат. Меѓу нив биле рибарите Андреј, Петар, Јаков и Јован, како и Матеј, собирачот на даноци.

Приказната за учениците - рибари почнува во едно мало село на брегот, каде што освен рибари, живееле и земјоделци и занаетчии. Младиот рибар Јаков секој ден одел на езерото со својот мал чамец, надевајќи се дека ќе улови доволно риба за да го прехрани семејството. Езерото било познато по убавината, но и по мистериозните длабочини. Многу луѓе зборувале за чудата што се случувале тука. Еден ден, додека Јаков ловел риба, видел светлина што се појавува на површината на водата. Се приближил и видел фигура како оди по водата. Тоа бил Исус Христос, кој го повикал Јаков да дојде кај него. Исус му рекол на Јаков да не се плаши, бидејќи Тој ќе му го покаже патот до вистинското богатство.

Според преданијата, Исус го поучил Јаков за љубовта, љубезноста и важноста на верата. Му рекол дека ако верува ќе улови повеќе риби од кога било досега. Иако скептичен, Јаков решил да верува и да го следи советот на Исус. Кога се вратил на езерото, уловил голем број риби, што го променило животот на неговото семејство.
Со текот на времето, Јаков станал еден од учениците на Исус, патувајќи со него и ширејќи ја неговата порака за љубов и мир.

И повикот на браќата Симон (Петар) и Андреј се случил додека ловеле риба. Според евангелските сведоштва, тие веднаш ги оставиле рибарските мрежи и тргнале по Исус, покажувајќи ја својата подготвеност и вера. Пред овој настан, Андреј веќе бил следбеник на Јован Крстител и го запознал својот брат Симон (Петар) со Исус, велејќи: „Го најдовме Месијата“. Сепак, трајниот повик за апостолство, со чие прифаќање тие го напуштаат својот претходен живот, се случил на брегот. Оваа приказна ја нагласува идејата дека претходното занимање на Петар и Андреј, риболовот, ќе се претвори во духовна мисија: наместо риба, тие ќе „ловат“ луѓе за Божјото царство.
Петар, Јаков и Јован - подоцна го формирале најтесниот круг на Исусовите ученици.

Исус за свој следбеник го повикал и Матеј (Леви), кој не бил рибар, туку собирач на даноци. Повикот не се случил во водите на Галилејското Море, туку најверојатно во Капернаум, додека Матеј седел на местото за собирање даноци и царини (локација на прометен пат). Капернаум бил важен трговски и административен центар, па затоа работата на Матеј била поврзана со собирање даноци и царини за стоки што минувале низ таа област. Исус, поминувајќи, го видел Матеј и го повикал со зборовите: „Следи ме!“
- Мултипликација на лебот и рибите
Ова е, исто така, едно од најпознатите чуда на Исус, кога успеал да нахрани илјадници луѓе. Евангелијата велат дека се работи за околу пет илјади мажи, невклучувајќи жени и деца.

Исус бил на пусто место, а многу луѓе цел ден го следеле и огладнеле. Учениците предложиле да ги „отпушти“ луѓето, за да одат во селата и да си купат храна. Исус прашал колку храна имаат. Само едно момче имало пет леба од јачмен и две риби. Учениците сметале дека тоа воопшто не е доволно за толку многу луѓе. Исус им рекол на луѓето да седнат на тревата. Ги зел петте леба и двете риби, погледнал кон небото, се заблагодарил (ги благословил) и почнал да им ги дели на своите ученици. Потоа учениците продолжиле да им делат храна на луѓето. Лебот и рибите чудесно се множеле додека им биле делени на луѓето. Сите јаделе, колку што сакале.
Откако луѓето завршиле со јадењето, Исус им рекол на учениците да ги соберат остатоците „за да не се потроши ништо“. Тие собрале дури дванаесет полни кошници со преостаната храна.

-Oдење по вода
По чудото со хранење на петте илјади луѓе, Исус ја распуштил толпата и ги принудил своите ученици со чамец да го преминат Галилејското Море на другата страна, додека Тој сам отишол на планина да се моли.
Учениците биле на средина од езерото кога почнале да се борат со силни ветрови и големи бранови. Веќе било ноќе, се мачеле со веслањето. Меѓу 3 и 6 часот наутро, Исус дошол накај нив, одејќи по водата. Кога виделе како оди по морето, учениците многу се исплашиле, мислејќи дека е привид (дух) и почнале да викаат од страв. Но, Исус веднаш им проговорил: „Бидете храбри. Јас сум. Не бојте се“.

Едниот од апостолите, Петар, смело му рекол на Исус: „Господи, ако си Ти, заповедај ми да дојдам кај Тебе по водата!“. Одговорот на Исус бил „Дојди!“. Тогаш Петар излегол од чамецот и почнал да оди по водата кон Исус. Но, кога ја видел силата на ветерот и брановите, се исплашил, почнал да тоне и извикал: „Господи, спаси ме!“ Исус веднаш ја испружил раката, го фатил и го прекорил со зборовите: „Маловернику, зошто се сомневаше?“
Штом Исус и Петар влегле во чамецот, ветерот стивнал и морето се смирило. Учениците му се поклониле на Исус и рекле: „Ти си навистина Син Божји!“

-Лекување со допир
Во куќата на Петар се смета дека се случило уште едно од чудата на Исус, кога тој ја излекувал мајката на неговата сопруга. Откако Исус проповедал во синагогата во Капернаум, отишол во куќата на Симон (Петар) и Андреј. Жената лежела болна во кревет, со висока температура. Исус се приближил, ја фатил за рака, ја кренал и треската ја напуштила. Таа веднаш оздравела, станала и почнала да ги послужува со храна.
Галилејското Море (Кинерет) денес - крвоток на Израел, стратешки извор на вода, основа на земјоделството и клучен центар за религиозен и економски туризам

Галилејското Море е најголемиот резервоар за слатка вода во Израел и е од витално значење за водоснабдувањето на земјата. Традиционално е примарен извор на вода за пиење.
Иако државата денес го обезбедува поголемиот дел од водата за пиење преку десалинизација (преработка на морска вода), Кинерет продолжува да служи како витален стратешки резервоар и се повеќе како место каде што се пумпа десалинизирана вода за одржување на нивоата и обезбедување резерви за сушни години.

Водата од Кинерет е клучна и за наводнување на плодните земјоделски области на Галилеја и долината на Јордан. Оваа вода овозможува одгледување грозје, цитрусни овошја, пченица и разни видови зеленчук.
На бреговите и во регионот се основани многу кибуци и мошавими кои ги темелат своите економии на земјоделството поддржано од водата на езерото.
Галилејското Море е популарна дестинација за релаксација, пливање, едрење, риболов и други водни активности. Има уникатен екосистем кој вклучува посебни видови риби (како „Рибата на Петар“ која можете да ја вкусите во блиските ресторанчиња) и птици преселници.

Годинава Галилејското Море беше во центарот на вниманието поради загрижувачкиот пад на нивото на водата предизвикан од сушата, но и поради необичниот природен феномен што ја промени неговата боја. Израелските власти за вода, сепак, потврдија дека феноменот, иако визуелно драматичен, е природен и не претставува опасност за пливачите, рибите или квалитетот на водата за пиење.
Денес, Галилејското Море останува симбол на надежта и верата, привлекувајќи посетители од целиот свет. Луѓето доаѓаат да се восхитуваат на неговата убавина, но и да го почувствуваат духот на историјата што се случила тука. Приказните за Јаков и Исус се уште живеат во срцата на луѓето, потсетувајќи на важноста на верата и љубовта.

Ако имате можност да го посетите, секако морате да го видите и манастирот на Капернаум каде што се наоѓа црквата на Светите Апостоли, грчка православна црква лоцирана на неполни пет минути возење од арехеолошкиот локалитет - Градот на Исус.

Изградена во 1931 година, црквата е позната по своите фрески што прикажуваат библиски сцени. И комплексот на манастирот има незаборавна глетка кон Галилејското Море. На влезот ќе ве „пречекаат“ пауни кои го облагородуваат дворот на манаститорт, а тука е и Алеата што прави да се чувствувате свечено додека ја минувате.
