• понеделник, 23 декември 2024

И покрај достапноста на информациите, интересот за медијација е на ниско ниво

И покрај достапноста на информациите, интересот за медијација е на ниско ниво
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) – Степенот на информираност за медијација и нејзината реална примена во државата, во правосудниот систем и во приватниот сектор е на многу ниско ниво. Иако се достапни базичните информации за медијацијата како концепт, забележана е многу мала информираност за нејзините предности, почнувајќи од растоварувањето на судовите од предмети, малите трошоци и економичноста, краткото време за решавање на спорот, доверливоста во кривичните предмети и неевидентирањето во кривичната евиденција, што би се сметала како осудувано лице, покажува анализата на Институтот за европски политики (ЕПИ). ЕПИ денеска ја одржа завршната конференција за „Медијација без дилема“, што се спроведе заедно со Комората за медијатори, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Холандската федерација на медијатори. На конференцијата беа промовирани клучните наоди од сеопфатната анализа за примената на медијацијата во Северна Македонија, при што беше посочено дека од донесувањето на првиот Закон за медијација во 2006 година до денес е забележано подобрување на медијацијата. На конференцијата учествуваа директорката на Институтот за европски политики, Симонида Кацарска, заменик министерот за правда Агим Нухиу, амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска. Проектот траел две години, а биле спроведени истражувања за состојбата со медијацијата во Северна Македонија. -Обезбедивме експертска поддршка од Холандија за подигање на капацитетот на Комората на медијаторите, медијаторите во земјава, како и останатите чинители. Фокусот ни беше кон јавните обвинители и судиите бидејќи ценевме дека треба медијацијата да ја поддржиме од многу различни аспекти за да може да ја оствариме крајната цел, а тоа е придонес кон нејзино користење, изјави директорката на ЕПИ Кацарска. Согласно спроведената анкета со администрацијата и бизнис секторот, директорката на ЕПИ посочи дека администрацијата е запознаена со инструментот, но не ги познава доволно предностите на медијацијата, додека, кај бизнис заедницата е забележана поголема подготвеност за користење на медијацијата и простор за работа со нив. Еден од авторите на анализата, проф. д-р Олга Кошевалиска изјави дека додека работеле на истражувањето, испратиле прашалници до сите основни судови, јавни обвинителства, медијатори, Министерството за правда и фокус група со Сојузот на стопански комори и Бизнис конфедерацијата. -Тоа што ние го добивме може да послужи како една рамка во којашто може да се креираат идните решенија за примена на медијацијата. Ги пронајдовме слабостите во пракса, можевме да креираме вредносен суд за медијацијата, што го препишавме од судиите, обвинителите, медијаторите, приватниот сектор и Министерството. Се надеваме дека ваквата анализа ќе служи и за креирање на идните законски решенија, бидејќи истата произлегува од тоа што реално се случува при нејзината примена, вели Кошевалиска. Според податоците од анализата, доцната примена на измените на законот од 2013 година открива слабости што предизвикале донесување на нов закон, а со стапувањето во сила на новиот Закон за медијација во јануари 2022 година, Министерството за правда го најавило почетокот на кампањата под мотото „Има решение“, насочена кон промоција на медијацијата, како алтернативен начин за решавање на споровите и подигање на свеста меѓу граѓаните за полезност на медијацијата. Во април 2022 година, врз основа на Законот, биле усвоени и објавени соодветни подзаконски акти, а дополнително со новиот Закон е предвидено и формирање на Национален совет за медијација, кој се очекува да биде независен и доследно да го следи и оценува квалитетот на работата на медијацијата. Целосната анализа на Институтот за европски политики на тема „Примена на медијацијата во Северна Македонија“ е достапна на следниот линкки/бак/

Остани поврзан