• недела, 21 јули 2024

Италијанска вечер на „Охридско лето“ со уметниците од Ансамблот „Маре Нострум“

Италијанска вечер на „Охридско лето“ со уметниците од Ансамблот „Маре Нострум“

Охрид, 20 јули 2024 (МИА) – Италијанската вечер во рамките на годинашното 64. издание на Фестивалот „Охридско лето“ на сцената ги носи уметниците од барокниот Ансамбл „Маре Нострум“.

На вечерашниот концерт вљубениците во овој вид на музика ќе можат да уживаат во изведбата на ораториумот „САНТА ПЕЛАГИЈА“ за четири гласа на Алесандро Страдела, во изведба на сопранот Џуија Болкато, контратенорот Данило Пасторе, баритонот Масаши Томосуги и тенорот Анџело Тестори, во придружба на уметниците Маргерита Буратини на харфа, Џулио фалцоне на теорбо, Томас Чигиони на виолончело, Серена Сегетини на виола де гамба, Амлето Матеучи на контрабас и Лучија Аделаиде ди Никола на клавичембало и оргула. 

Ансамблот основан во Рим од страна на диригентот и уметнички раководител Андреа де Карло, важи за еден од најоригиналните и изненадувачки барокни ансамбли посветени на изведбата на „старата“ музика, со особен афинитет кон музиката од италијанските композитори, особено на оперите на Алесандро Страдела. По нивните високо оценети и наградувани снимени изданија, во 2013 година се раѓа проектот „Страдела“, колекција на ЦД-а со комплетните дела на тој композитор, снимени за издавачката куќа Аркана. Сите посебни ЦД-а (серенади, опери и ораториуми) добиваат одлични критики и се признати од страна на меѓународната музичка јавност. Својот иновативен и истражувачки пристап Маестро Де Карло го презентира на  бројни семинари, мајсторски курсеви и конференции и тој наскоро ќе биде издаден во печатено издание. 

Маестро Андреа да Карло, уметникот на виола ди гамба и диригент, е роден во Рим каде кариерата ја започнува како џез контрабасист, за подоцна да дипломира на отсекот по контрабас и виола да гамба, истовремено студирајќи и физика на Универзитетот „Сапиенца“ во Рим.  Пред целосно да се посвети на инструментот виола да гамба извесно време работи како контрабасист во театарот „Масимо“ во Палермо, во регионалниот оркестар во Тоскана,  како и во регионалниот оркестар на Лацио. Како инструменталист на виола да гамба, Де Карло има настапи со повеќе значајни ансамбли во сферата на старата музика, остварува турнеи, а  е вклучен и на повеќе од 40 аудио изданија. Во 2005 година го основа ансамблот „Маре Нострум“ посветен на Римскиот барок,  особено на делата на Алесандро Страдела. Откако нивниот прв албум е закитен со неколку награди, членовите на овој ансамбл и Карло одлучуваат да се посветат на снимањето на сите дела од овој композитор, како и да стартуваат фестивал посветен на Страдела. Како диригент, Де Карло диригирал со оркестарот „Артуро Тосканини“ во Парма, оркестарот на театарот „Карло Феличе“ во Џенова и камерниот оркестар на „Ла Скала“ во Милано.

За вечерашниот концерт е резервирана прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. аб/бак/

Фото: Охридско лето

Остани поврзан