• недела, 21 јули 2024

Тошковски и Ангелов ги посетија тимовите кои го гаснат пожарот на планината Серта

Тошковски и Ангелов ги посетија тимовите кои го гаснат пожарот на планината Серта

Штип, 20 јули 2024 (МИА) – Граѓаните на Штип гледаат чад во правец на планината Серта на две локации, а попладнево се разгоре пожарот меѓу полигоните Криволак и Пенуш, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој доцна попладнево со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски беа во посета на припадниците на полицијата, кои го гаснат огнот на планината Серта во штипскиот регион.

- Локациски пожарот се одвива зад стрелиштето Пенуш во насока на воениот полигон Криволак, но е далеку од полигонот Криволак. Полигонот е далеку од загрозен. Сепак ако продолжи со ова темпо ќе имаме сериозни проблеми со овој пожар, вели Ангелов.

Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе бидат ангажирани сите хеликоптери и авиони за ставање на пожарот под контрола од Пенуш до Криволак. Ангелов истакна дека од левата страна на планината Серта има уште две жаришта, едното над штипското село Пухче, а второт во неготинскиот дел.

Ангелов изрази благодарност што министерот за внатрешни работи, Тошковски неколку пати ги посетува пожарникарите и припадниците на полицијата и на Армијата, доброволците кои ги гаснат пожарите во земјава.

- Министерот денеска виде дека единицата од ДЗС е облечена во обични униформи, коишто не се отпорни на оган и тоа ми дава надеж дека Владата брзо ќе се зафати со надминување на овие проблеми. Чекор по чекор, бидејќи состојбата е навистина многу лоша во овој момент, изјави Ангелов.

Министерот за внатрешни работи, Тошковски, кој денеска ги посети припадниците на МВР кои учествуваат во гаснењето на пожарите истакна дека во идниот период мора да има системски решенија.

- Жално е што една држава како Македонија, да се моли на господ да заврне дожд, за да можеме да кажеме дека пожарите се изгаснати. Ова е недозволиво и она што сме денесе е навистина е такво ниско ниво на способност на државата да се справи со ваков тип на предизвици и не смееме наредната година повторно да ни се случи ова. Поради тоа ќе се вложат максимални напори од страна на Владата да се фокусираме на суштинско и системско решавање на овој проблем, за да догодина не се соочуваме вака неспремни со оваков тип на предизвици, рече Тошковски.

Тошковски изрази благодарност до сите земји кои испратија професионалци, хеликоптери и авиони и помогнаат во гаснењето на пожарите во воздух.

- Но, секако уште еднаш голема благодарност и до сите оние Македонци, коишто се на теренот, еве ќе се заблагодарам и на доброволецот Даре, кој денеска и раката ја скрши при гасењето на пожарите, но остана со своите колеги и луѓе, се со цел да може да помогне при справувањето со оваа состојба. Факт е дека ова дереџе не смееме да го дозволиме во иднина, факт е дека системот не функционира, факт е дека треба да се реорганизираме максимално да се посветиме на Центарот за управување со кризи во иднина да ја зајакнеме позицијата на истиот, за да може соодветно да се справува на сите овие предизвици, вели Тошковски.

Посочи дека треба да се изнајдат суштински решенија за справување на проблемите и системот да функционира.

Командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов за МИА вели дека во моментов активни жаришта се над селата Селце и Пухче, станува збор за стрмен, карпест и непристапен дел на планината. Сите екипи кои учествуваат во гаснењето на пожаритре утре во раните утрински часови ќе бидат на овие две локации на планината Серта.  вдј/цр

Фото: МИА

видео: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан