• петок, 05 декември 2025

Ирскиот премиер вели дека договорот меѓу ЕУ и САД спречува штетна трговска војна

Ирскиот премиер вели дека договорот меѓу ЕУ и САД спречува штетна трговска војна

Даблин, 28 јули 2025 (МИА) – Ирскиот премиер Мајкл Мартин го поздрави новиот трговски договор меѓу САД и Европската унија, велејќи дека во него е „избегната штетна трговска војна“.

Мартин, исто така, рече дека има „многу работи за преговарање“ по она што го нарече „рамковен договор“.

Говорејќи пред медиумите во Даблин, Мартин рече дека тој „отвора перспектива за позначајна стратешка соработка меѓу САД и Европа за голем број прашања“.

- Со него исто така се избегнува понатамошна ескалација, или пак трговски конфликт, што би бил многу, многу штетен за економиите на САД и на Европската унија, нагласи тој.

- Важно е да се каже дека Европа никогаш не бараше царини, ниту пак сакаше да наметне царини, и во основа, ние сме против царини: веруваме во отворена трговска економија, истакна Мартин.

Тој додаде дека сегашната ситуација е многу поинаква од онаа пред 1 април.

- Во игра се нови реалности и така, на пошироко ниво, стабилноста и предвидливоста што ги носи овој договор се важни за бизнисите, важни се за потрошувачите, па дури и за пациентите кога станува збор за производство и дистрибуција на лекови, рече тој.

- Во суштина, избегнавме трговски конфликт што би бил разорен, што би бил многу штетен за нашата економија, а особено за работните места … Предизвикот сега за Европа е да работи на сопствените неефикасности, да ги намали бариерите на единствениот пазар, да продолжи поамбициозно и попроактивно со диверзификација на трговијата и трговски договори со други земји што би ја олесниле потребната пазарна диверзификација, рече израскиот премиер.

Тој додаде дека „има многу работи за преговарање по овој рамковен договор“. јт/

Фото: Мајкл Мартин на фејсбук, скриншот

Остани поврзан