• сабота, 13 април 2024

Иранската сликарка Шерафатманд за МИА: Цвеќето го користам како метафора бидејќи е прифатено од сите култури, ги пренесувам моите пораки на нежен јазик

Иранската сликарка Шерафатманд за МИА: Цвеќето го користам како метафора бидејќи е прифатено од сите култури, ги пренесувам моите пораки на нежен јазик

Скопје, 3 март 2024 (МИА) - Од град уништен од војната во Иран, со статус на бегалец во тинејџерските години во Малта се сели во Струга, не дозволувајќи им на суровите ситуации да ја претворат во сурово човечко суштество, напротив станува уште попрефинета и посензитивна, исто како што јагленот се претвора во дијамант кога е под екстремна топлина и притисок. Вака иранската сликарка Лида Шерафатманд ги претставува за МИА своите „победи“ и покрај тешкото детство кое го имала.

- Мојот роден град беше уништен во војната во Иран. Оттогаш, каде и да одам, го третирам местото како роден град за кој треба да се грижам и да придонесам. Мислам дека колку повеќе благодариме за тоа што го имаме, толку повеќе расте и животот околу нас, раскажува Шерафатманд.

И покрај суровоста што животот и ја приредил, не сака да дозволи тие ситуации да го пресушат нејзиниот, како што вели, „резервоар“ или да престане да го сака светот.

- И ова го сметам за голема „победа“ во животот, не дозволувајќи им на суровите ситуации да не претворат во сурови суштества, туку да дозволиме да не претворат во попрефинети суштества, исто како што јагленот се претвора во дијамант кога е под екстремна топлина, додава таа.

Сликарката веќе пет години живее во Струга и таа за МИА вели дека поради пандемијата овие пет години се чинеле како две.

- Почнав да имам визии од тригодишна возраст. И поради мојот талент за цртање, почувствував дека мојот пат како сликар е да ги споделам визиите и да дадам придонес со она што го создавам. Сакам да придонесувам кон нашиот квалитет на живеење со повеќе топлина и поврзаност. Го користам цвеќето како метафоричен јазик, затоа што многу сакам цвеќиња и затоа што се чини дека ниту една култура во светот нема проблем со цвеќињата. Така можам да ги пренесам моите пораки на нежен јазик, да зборувам со цветен јазик на некој начин. Струга е град со огромна разновидност на флора, а тоа исто така ме привлече да останам во овој град да сликам, раскажува Шерафатманд.

Покрај тоа што изработува слики, таа има направено и некои локални проекти на чисто доброволна основа и самостојно. Еден од нив е и „Награда за почиста Струга“.

Шерафатманд од сопствениот буџет издвојувала месечна награда од 100 евра за секој што ќе ги исчисти јавните површини кои ќе бидат извалкани откако ќе бидат веќе исчистени од градските екипи.

- На ова се одлучив на почетокот на пандемијата, поради неколку причини: првата беше да поттикнам одржување на чистината на градот со наградување на поединци, кои покажуваат одговорност кон чистотата на градот. Верувам дека одговорноста е и на грбот на граѓаните и на надлежните во градот. Тоа е двонасочна одговорност ако сме заедница, нагласува таа.

На личен план, раскажува, тоа беше на почетокот на пандемијата, кога сите бевме загрижени за нашите финансии. Така, инстинктот на сите во тој момент е да се погрижат да заштедат пари.

Пазарот на уметноста, како што вели беше лошо погоден и продажбата драстично се намалила.

- Мислев да го сфатам како вежба на великодушност да го споделам тоа што го имам, за да може да им помогне на семејствата што живеат со минимална плата или на младите луѓе кои се борат со животните трошоци, вели Шерафатманд.

Таа сума, признава дека и била напорна поради фактот што продажбата престанала во време на пандемијата, но сумата што ја давала од личниот буџет го смета за духовна вежба за споделување на товарот со другите.

- Верувам дека дарежливоста во време на криза ги зголемува нашите благослови во животот. Голем број локални жители ја поддржаа идејата и проектот и помогнаа да се промовира, вели Шерафатманд.

Друга иницијатива беше големата животна скулптура што таа ја изработи од цемент од бездомно куче наречено Медена.

- Ова куче ме спасуваше неколку пати кога шетав сама, исплашена ноќе за време на пандемијата. Таа има многу грижлив карактер кон локалното население и покрај тоа што е бездомно куче, вели таа.

Во моментов, Шерафатманд пишува и илустрира книга со приказни за деца „Авантурите на Медена во Струга“, уште еден самостоен волонтерски проект. Има околу 15 епизоди. Секоја епизода се занимава со локално прашање и обезбедува практични пристапи кон тоа на начин кој ги возбудува децата и ги учи на добри вредности.

- Ги замолив луѓето да ми испратат фотографии и видеа од уличното куче Медена кога ќе ја видат во градот или ако имаат некоја посебна ситуација со неа. На овој начин луѓето од заедницата навистина ми ги донесоа главните инспирации за епизодите, а книгата е како колективен напор. Јаков Попоски, филмскиот сценарист од Струга ми помага во уредувањето на епизодите за да се уверам дека има доволно акција во нив. Можеби во иднина некој книгата ќе ја претвори во анимирана серија за детска телевизија, споделува Шерафатманд.

Друг нејзин актуелен проект, повторно на доброволна основа, е колекција на слики од локалното цвеќе како донација за Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незболински“.

Сликарката вели дека секој од проектите содржел различна порака. Сепак, зад тие пораки можеби, како што вели, се крие една заедничка работа.

- Како странец, јас сум обврзана да имам различни агли на гледање на местото, а бидејќи убавините ме привлекоа да останам, сакав да ги истакнам како знак на благодарност за местото. Мислам дека сите земји имаат свои слаби и силни страни. Со задржување на нашите силни страни, успеваме да ги подигнеме и нашите слаби страни. Затоа и покрај многуте предизвици со кои може да се соочи градот, сакам да ги истакнам силните страни за да ја зголемиме нашата ментална и емоционална сила да се справиме и со слабите страни и да ги надминеме предизвиците, потенцира Шерафатманд.

Моментално таа создава и своја нова колекција на слики, на тема „моќ“. Овие слики ќе бидат изложени во Европскиот парламент оваа година.

-Оваа колекција ја гледа моќта од конструктивен аспект: како можеме да бидеме моќни како добри луѓе. На пример, се гледа моќта на вистинската поврзаност со другите, моќта на родовата еднаквост, моќта на инспирација која ја зголемува нашата енергија, моќта на добрината која го балансира просторот со суровоста, моќта на интегритет која гради доверба, моќта на понизноста која дозволува да се признаат грешките и расте, и така натаму, појаснува Шерафатманд.

Детската книга со приказни, исто така, со уличното куче Медена е многу важна за неа, бидејќи, како што вели: „чувствувам дека како личност која дошла во градот од различно потекло, веројатно можев да видам многу убави позитивни работи кои можеби како локални жители ги земаме здраво за готово“.

-Но, исто така, бидејќи го изгубив мојот роден град во војна, секој град за мене е како роден град за кој сакам да се грижам. И поради мојата позиција како уметник кој студирал разрешување конфликти, се надевам дека можеби ќе пренесам некои корисни сознанија, заклучи Шерафатманд во разговор за МИА.

Марија Спасовска

Фото: Приватна архива на Лида Шерафатманд

 

Остани поврзан