Интензивно паѓа снег во Крива Паланка, службите се на терен, забрана за движење товарни возила кон Деве Баир
- Снежната покривка во Крива Паланка изнесува околу петнаесет сантиметри, a на повисоките места и над 40. Службата за зимско одржување на Јавно претпријатие „Комуналец" е на терен од попладнево и сите улици се расчистуваат навремено, иако интензитетот на снежни врнежи во вечерните часови се засилува.
Крива Паланка, 25 ноември 2023 (МИА) - Снежната покривка во Крива Паланка изнесува околу петнаесет сантиметри, a на повисоките места и над 40. Службата за зимско одржување на Јавно претпријатие „Комуналец" е на терен од попладнево и сите улици се расчистуваат навремено, иако интензитетот на снежни врнежи во вечерните часови се засилува.
- Сите екипи се на терен, ЈП Комуналец со целокупната расположлива механизација, специјализирани возила за чистење снег ги расчистува улиците континуирано, додека магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка - граничен премин со Република Бугарија, Деве Баир, го одржуваат екипите на Јавното претпријатие „Македонија пат", секција Крива Паланка. Нанесен е абразивен материјал од страна на службите на сите градски и приградски улици, останати се неколку улици од повисокиот реон на градот кадешто поради конфигурација на теренот ќе се пристапи кон чистење и посипување со специјализиран трактор опремен со соодветна опрема за таа намена, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Во делови од општината има прекин во снабдувањето со електрична енергија, додека на повеќе локации има надвиснати гранки од дрвјата, поради големата количина снег.
- Зимската служба е на терен со околу педесетина вработени, кои остануваат на дежурство и ќе работат во текот на ноќта, додаде Митовски.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, прекин на напојувањето со електрична енергија има во следните населени места во Крива Паланка: населба Кошари, ул.„8 ми Октомври", село Дурачка Река, село Станци, Б'с, Калин Камен, во селата: Дренак, Градец, Габар, Огут, Метешево, Осиче, Мождивњак, Баштево, дел од Конопница.
Оттаму информираат дека тимовите веќе се ангажирани за непречено снабдување со електрична енергија во наведените реони.
Надлежните служби на Општина Крива Паланка, пак, ги известуваат граѓаните да ги исполнат задолжителните обврски во состојба на зимски услови.
- Со цел навремено и непречено чистење на снегот и мразот од коловозните површини на улиците во населбите, се молат граѓаните во рок од 24 часа од ова известување , да ги отстранат паркираните возила по улиците односно истите да се паркираат надвор од коловозните и тротоарските површини. Комунално - редарските служби од општината ќе спроведуваат вонредни теренски контроли по улиците и за неотстранети возила од коловозните и тротоарските површини и ќе превземат соодветни законски мерки Исто така се потсетуваат сите правни и физички лица, сопственици или корисници на деловни објекти на подрачјето на општина Крива Паланка, дека во услови на снежни врнежи се должни веднаш да го чистат снегот и ледот пред нивните објекти со цел да се обезбеди непречен пристап до истите, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Отстранувањето на снегот и мразот од јавните површини пред деловни објекти е согласно членот 22 од Законот за јавна чистота и член 383 од Одлуката за комунален ред и спроведување на подрачјето на општината Крива Паланка.
Доколку сопствениците или корисниците на деловните и други објекти не го чистат снегот и мразот пред нивните објекти, надлежните служби ќе превземат соодветни законски мерки. ид/дма/
Фото: МИА