• понеделник, 23 декември 2024

Интегрален текст од дописот на претседателот Пендаровски до претседателот на Собранието Митрески

Интегрален текст од дописот на претседателот Пендаровски до претседателот на Собранието Митрески

13 февруари 2024 

ДО

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО

НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Г. Јован Митрески

 

Почитуван г. Митрески,

 

Врз основа на член 75, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со член 38, став 2 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија, Ве известувам дека одлучив да не го потпишам Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.

Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен. Во таа смисла, во изминатите денови, како што ја информирав и јавноста, извршив бројни консултации со експерти и со засегнатите страни, а со цел да донесам исправна и информирана одлука, пред сè, во согласност со уставното начело на владеење на правото, системот на поделба на власта и со интересите на граѓаните.

Како Претседател на Републиката секогаш внимавам на мојата основна и најопшта уставна надлежност да ја претставувам Републиката, определена со член 79 од Уставот. Претставувањето на Републиката е одговорност во земјата, пред нашите граѓани, но и во странство пред другите држави и меѓународни организации. Многу повеќе од протоколарните обврски, претставувањето на Републиката вклучува грижа за остварување на стратешките интереси на нашата држава.

Граѓаните пред повеќе од три децении се определија за полноправно членство во Европската Унија и затоа оваа определба ја поставивме за наша стратешка определба. Во таа смисла, на нашиот пат кон полноправното членство ние сме обврзани да ги исполниме условите за членство што произлегуваат од Копенхагенските критериуми и од Преговарачката рамка за членство за која се согласивме и ние и Европската Унија и со која ги започнавме преговорите за членство. Незаобиколен елемент од овој долг пат кон полноправното членство се Извештаите за напредок на нашата држава кои долги години за нас ги подготвува Европската комисија. Извештаите за напредок не претставуваат критика, туку насоки според коишто треба да се движиме во реформите и нивното исполнување не е наметната обврска туку ни служи подобро да се подготвиме за членството, но и во процесот на подготовката да ја заокружиме трансформацијата на нашето општество и држава со цел да ја обезбедиме благосостојбата на граѓаните за која сите ние работиме.

Затоа, а поаѓајќи од забелешките во последниот Извештај за напредок во однос на употребата на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во рамките на консултациите се обратив и до Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори. Во одговорот што го добив од нивна страна е наведено дека „тие нотирале дека Законот е усвоен во процедура што се базира на употребата на европското знаме. Во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно, како и поради комплексноста и важноста на предметните прашања, тие сметаат дека употребата на процедурата со европско знаменце е несоодветна“.

Истовремено, во одговорот од Делегацијата на ЕУ нè потсетуваат на забелешката од Извештајот за напредок на нашата држава за 2023 година во кој е децидно наведено дека наведената процедура треба да се користи единствено кога се работи за усвојување на закони што се директно поврзани со задолжителното право на ЕУ, а не за да се скрати јавната дебата за важни прашања.

Свесен сум за важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој. За опасноста од злоупотребата на игрите на среќа и забавните игри и за развојот на нездрава зависност од нив постојат бројни научни и стручни студии, но и секојдневни трагични примери. Токму затоа, сметам дека без одложување треба одново да почне дебата и постапка во Собранието за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија.

Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој Закон.

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ

Кабинет на претседателот Стево Пендаровски 

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан