Изложба „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” во Нова Горица,Република Словенија
- Во галеријата на Македонското културно друштво „Охридски бисери” во Нова Горица, Република Словенија, беше отворена изложбата што ја подготви Државниот архив: „150 години од раѓањето на Гоце
Скопје, 18 јули 2022 (МИА) - Во галеријата на Македонското културно друштво „Охридски бисери” во Нова Горица, Република Словенија, беше отворена изложбата што ја подготви Државниот архив: „150 години од раѓањето на Гоце Делчев” (1872 - 2022).
На отворањето на изложбата се обратија македонската амбасадорка во Република Словенија, Сузана Зеленковска, претседателот на Клубот, Боро Митовски, градоначалниците на општина Нова Горица, д-р Клемен Миклавич и на Шенпетер, Милан Турк, како и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Притоа, во чест на гостите беше изведена и пригодна културно-уметничка приредба.
Изложбата, како што соопштија од Државниот архив, е презентација на архивски документи и фотографии, што го прикажуваат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, а најмногу како идеолог и еден од главните организатори на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Од Државниот архив посочуваат дека сите овие нивни активности се во интерес на зачувување на нашето минато, на нашата историја, култура, традиција и обичаи, потсетување на значајни настани и личности, нивно чествување, како долг спрема нашите предци, но и за сегашните и идните генерации на кои историјата и минатото треба да им бидат светилник за иднината и темел за нашето опстојување на овие простори.
- Една од основните дејности на Државниот архив е всушност да ги чува оригиналните значајни историски документи и материјали и тоа е наша обврска како институција, со што го оправдуваме епитетот дека сме еден од главните столбови на нашиот национален идентитет, истакна меѓу другото, на отворањето на изложбата, директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
Изложбата во Нова Горица, каде живеат и работат околу 3.000 македонски државјани, ќе биде поставена еден месец, а потоа ќе биде претставена и во други македонски клубови во Словенија и во Хрватска, и тоа во Крањ, Љубљана, Цеље, Копер, Риека, Загреб, Вараждин, Осиек и Ѓаково. Во оваа пригода Македонското културно друштво „Охридски бисери” на Државниот архив му додели плакета за успешна соработка во областа на историјата и културата. рп/цр