• петок, 05 декември 2025

Изложбата на Стефан Анчевски „Графика, слика, објект“ достапна за кривопаланечката јавност

Изложбата на Стефан Анчевски „Графика, слика, објект“ достапна за кривопаланечката јавност

Крива Паланка, 10 ноември 2025 (МИА) – „Графика, слика, објект“ е името на изложбата на Стефан Анчевски што е поставена во градската уметничка галерија на кривопаланечкиот музеј за сите љубители на ликовната уметност.

Пред публиката е претставен циклус дела во кои се комбинирани меки материјали како: лепила, силиконски и акрилни маси кои потсетуваат на нешто меко и органско.

-Иако делата се од неколку циклуси работени во период од неколку години, заедничко за сите е што содржат комбинација од елегантност и одредена грубост, но не и бруталност, чие што отсуство дава смиреност во екпресивноста во корист на општиот елегантен квалитет. Делата на Стефан Анчевски се еден вид поетски објекти кои во себе носат дел од минатото и дел од личното доживување на квинтесенцијата на минливата сегашност, информира директорот на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка, Драган Величковски.

Анчевски е  визуелен и мултимедијален уметник со реализирани над 15 самостојни и над 150 изложби во земјата и странство, се претставува првпат пред кривопаланечката публика и изрази благодарност за остварената соработка со музејот.

Приредувачот на изложбата, историчар на уметност, Ѓорги Костовски од музејот, посочи дека во творештво на Анчевски постои континуитет на поврзување на изразот и ликовниот јазик што секогаш гради нова уметничка форма. 

-Во некои слики нанесува боја во повеќе слоеви, наизменично ритмички, налик на густо исткаени мрежи од неправилни кратки вертикални и хоризонтални потези наслоени врз едноличната, најчесто темна основа. Во други дела кратките испреплетени линии се одвојуваат како неправилни форми во земјени тонови во повеќе нијанси поставени едни крај други, акцентирани со грубата материја која ја содржат во себе, при што истовремено сугерираат леснотија и тежина, вкочанетост и запрено движење и блага тензичност, засилена со остри кратки линии кои минуваат крај или низ нив. Некои композиции се изградени од вертикални или хоризонтални ленти со остри рабови, во кои повторно се насетува грубата материја. Постојат дела решени минималистички, содржат слободни геометриски апстрактни форми, налик лебдечки фигури во вакуум простор, каде Анчевски создава илузија на наизменично доминирање на одредени облици наспроти други, во вид на оптички илузии, рече Костовски.

Изложбата беше отворена во саботата и ќе биде достапна за публиката во следните десетина дена. ид/сст/

 


Фото ЛУ Градски музеј Крива Паланка 

 

 

 

Остани поврзан