• сабота, 23 ноември 2024

Изгорени куќи, евакуирани граѓани - состојбата со пожарот во североисточниот дел на Атика особено тешка ситуацијата

Изгорени куќи, евакуирани граѓани - состојбата со пожарот во североисточниот дел на Атика особено тешка ситуацијата

Атина, 12 август 2024 (МИА) – Пожарот во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина и понатаму е вон контрола, голем број куќи изгореа во различни населби, евакуирани се низа населени места и една болница, а противпожарните сили продолжуваат со битката со огнената стихија што зазеде огромни размери, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, попладнево информирајќи за пожарот рече дека „ситуацијата останува исклучително тешка“, дека континуирано има разгорувања и нови жаришта што „брзо се шират, потпомогнати од многу силните ветрови“.

Објасни дека интервенираат 702 пожарникари со 27 пешадиски тима и 199 возила, како и голем број волонтери, а од воздух гаснењето е со 35 средства, односно 17 авиони и 18 хеликоптери, од кои три се за нивна координација.

Од бројот за итни случаи 112 досега беа испратени 30 пораки за евакуација на граѓаните што се во загрозените подрачја, а попладнево, превентивно беше евакуирана и општата болница.

Обемот на предизвиканата материјална штета е огромен и дополнително ќе се утврдува, огнените јазици проголтаа куќи, автомобили, изгоре и едно противпожарно возила, а полесно е повреден еден пожарникар.

Поради силниот ветер пожарот се шири со голема брзина и попладнево стигна и до урбани средини, односно до населби во северниот дел на Атина.

Според Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, процените се дека до 12.20 часот денеска изгореле околу 10.000 хектари површина.

За справување со пожарите, како што претходно објави МИА, Франција, Чешка и Италија, праќаат помош во Грција преку Европскиот механизам за цивилна заштита. ср/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан