• сабота, 16 ноември 2024

Идните кадровски прашања во јавното здравство според анализите од контролите за работата на менаџерите

Идните кадровски прашања во јавното здравство според анализите од контролите за работата на менаџерите
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека нема никаква селективност во разрешувањето на директорите во јавното здравство. Најавува дека идните чекори во однос на кадровските прашања ќе бидат според анализите од контролите за работата на менаџерите што ги спроведува Министерството за здравство, а со кои, како што информира ресорниот министер Беким Сали, во прва фаза се испитуваат финансиските неправилности во исплатата на платите на директорите. По оставките што неодамна ги поднесоа директорите на универзитетските клиники за детски болести и за радиотерапија и онкологија, Ковачевски денеска рече дека нема селективност и дека направеното е според податоците на директорите и на министерот за здравство. - Не постои никаква селективност бидејќи колку што знам на Детската клиника покрај тоа што оставка си поднесе директорката, беше разрешен и економскиот директор. Врз основа на извештаите што ги има министерот за здравство, дел од директорите решиле да се повлечат, а еден бил разрешен. Министерот продолжува во рамки на својата надлежност да ја врши работата и ќе видиме во натамошниот период согласно со анализите што ќе ги добијат, какви чекори во однос на кадровските прашања ќе бидат преземени. Јас не би прејудицирал ништо, но сметам дека тоа што беше направено е во согласност со она што како податоци го имаа самите директори и Министерството за здрвство, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, по посетата на ГОБ „8-Ми Септември“. Министерот Сали, пак, истакна дека „не бараат секогаш вина во секого за да биде подобро“. -Дел од директорите кај кои при управувањето со јавни здравствени установи се забележаа одредени неправилности беше побарано од нив да се повлечат и морам да изразам благодарност дека тука имаше разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата, што е многу добар показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати грешката која е направена во континуитет, изјави Сали. Тој порача дека контролите од страна на Фондот за здравство продолжуваат и понатаму и оти ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од оваа фаза на контролирање. -Во прва фаза сме на контрола на финансиска неправилност при распределба на плати на директори, на менаџерите само, затоа што кога би навлегле во целокупното работење на институциите тоа би траело  подолг период. Во прва фаза се само менаџерите според Колективниот договор, дали се почитувал, дали има злоупотреба во делот на правото на дежурство имајќи во предвид дека дежурството на директори е дадено како можност, а не како обврска за оние директори каде нема доволно кадар за пружање услуга во континуитет. Опслужувањето 24/7 бара број на кадар што е спремен  за пружање квалитетна услуга кон пациентот, појасни Сали. На негово барање на 2-ри месецов оставки поднесоа  директорите на Клиниката за детски болести  Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев,  а исто така беше разрешен и организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди. лв/ки/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан