• понеделник, 23 декември 2024

Златко Панзов добитник на наградата „Драги“

Златко Панзов добитник на наградата „Драги“

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик ја доби Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа Артконект. 

Комисијата за доделување на наградата била во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски, на својот последен состанок констатираше дека сите пет финалисти: Анастасија Ѓурчинова, Златко Панзов, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески, заслужуваат да бидат наградени за нивните исклучителни преводи кои, на најубав можен начин придонесуваат за афирмација на македонски јазик и на книжевниот превод во целина. 

Комисијата едногласно донела одлука Наградата да му се додели на Златко Панзов.

-Романот „Заробеништво“ од современиот унгарски поет, прозаист, драмски автор и есеист Ѓерѓ Шпиро е мошне комплексен историско-авантуристички роман сместен во времето на Римското царство од добата на Јулио-Клавдиевската династија во 1. век од новата ера. Младиот Евреин Ури, по низа околности, ќе се најде вплетен во клучните настани од тој период и тоа во хронотопската тријада: Рим - Ерусалим - Александрија. Како ликови, во романот, меѓу другите, циркулираат и Калигула, Понтиј Пилат, Исус. „Златко Панзов успешно се справил со предизвиците на преведувањето и сосема солидно го пренел историскиот, нималку лесен, дискурс во духот на македонскиот јазик. Преводот на ова волуминозно дело, и по обем, и по содржина, несомнено, изискува голем труд, посветеност и истражувачка работа. Дијалозите се спонтани, а драматичното преплетување на историските факти и фикцијата, во симбиоза со психологијата на главниот лик, нудат несекојдневно читателско искуство, стои во соопштението од тимот.

На истиот состанок, комисијата за доделување на наградата „Драги“ едногласно решила да му се додели и специјална признание-плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски на Никола Ѓелинчески за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.свс/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан